Огромна криминална афера која ги тресе темелите на важни државни институции и ја доведува во прашање, уште повеќе од досега, довербата на граѓаните во политичарите и сопствената држава, рече за случајот „Рекет“ претседателот Стево Пендаровски на денешната „вонредна“ прес-конференција. Пендаровски потсети дека уште на почетокот на аферата истакнал дека е разочаран и повикал на брза и темелна истрага, но наместо тоа, како што рече, надлежните заминале на годишен одмор како да се работи за редовна состојба и рутински предмет, што, според него, не е така.
Тој, како граѓанин и човек, изрази голема разорачаност што се изневерени неговите и очекувањата на граѓаните.
„Апелирам до оние кои се надлежни во оваа фаза на тој случај, а тоа се првични истражни дејствија, да ги остават колективните одмори на страна и да ја почнат својата работа. Да направам паралела со Парламентот, Владата или Кабинетот на претседателот; Сите ние имаме тн. колективни одмори… Меѓутоа, ако има потреба, веднаш се состануваме. Во Уставот стои дека Парламентот заседава постојано. Ако има потреба, веднаш, истата вечер се собираат сите 120 пратеници. Тоа мора да важи и за нив – и за обвинителите, евентуално и за судиите. Значи, не смееме да си дозволиме кога имаме една ваква голема афера, ние да си тераме годишен одмор како да е редовна состојбата. А не е редовна состојбата, знаеме сите“, дообјасни Пендаровски одговарајќи на новинарско прашње, алудирајќи на тоа дека начинот на кој државата се справува со случајот „Рекет“ може да влијае и на тоа дали земјава ќе го добие очекуваниот датум за почеток на преговори со Европската унија.