Договорот со Грција од сам старт беше асиметричен, но е одлично политички и стратешки избалансиран, смета претседателот Стево Пендаровски во интервју за „Гласот на Америка“. Според него, во македонско-грчката комисија, особено по прашањето за трговските марки за извоз, македонската позиција е целосно симетрична со грчката и таму не постои можност за некакви поголеми недоразбирања. Меѓутоа, кога се зборува за Договорот со Бугарија и македонско-бугарската историска комисија, Пендаровски е согласен дека Бугарија се обидува на еден „крајно асиметричен начин да го реши 19. и 20 век“. Како што вели Пендаровски, Бугарија не зборува од позиција на споделена историја, туку од позиција на „наша историја“, односно нивна, бугарска историја.
„Значи, Договорот со Бугарија прави комисија од историчари кои треба да ги разгледаат историските настани, случаи и личности кои се споделени меѓу двете држави и двата народа. За конкретниот случај со Гоце Делчев… Значи, вие нема да го решите проблемот ако кажете, или еве ние случајно се согласиме, дека Гоце Делчев бил Бугарин и се борел исклучиво за бугарската кауза. Ако ние не кажеме, што е неспорен историски факт, дека Гоце Делчев се борел не за Бугарија, туку се борел за Македонија и за македонска самостојна држава, ние во тој случај не сме го решиле проблемот“, вели Пендаровски.
Во тој поглед тој вели дека гледа дека комисијата нема прогрес во својата работа во изминатите неколку месеци. Причината, според Пендаровски, е што бугарската страна инсистира на политички, а не на историски пристап во работата на комисијата.
„Јас на последната средба со Борисов овде во Скопје, на која зачудувачки беше и претседателот на бугарскиот дел на историската комисија, јасно му дадов до знаење дека таа комисија не смее да има краен рок. Бидејќи вие не можете, макар имале и најдобра намера и дури и најдобрите историчари на свет да ги земете, и странски, и наши, и нивни, вие не можете за две недели или за два месеци да решите два века, згора и тоа да го решите на начин како што тие или вие сакате.
Јас се надевам дека тука ќе преовлада разуммот и дека нема да има политички притисоци, кои неспорно доаѓаат од Софија, многу во изминатиов период, врз работата на таа комисија, и дека следната сесија на комисијата, која е закажана за во септември, ќе донесе добри резултати“, вели Пендаровски.
Што се однесува до Европската унија, тој воопшто не мисли дека Бугарија ќе нè блокира во однос на отварање на преговорите наесен; Како што потсетува, Бугарија е дел од 13-те земји членки кои потпишаа и јавно објавија заедничка декларација во која бараат побрзо отварање на пристапните преговори на земјава со Европската унија за нас. Меѓутоа, гледано во перспектива, Пендаровски смета дека постои простор за поголеми проблеми во овој дел во периодот додека ќе преговораме со Европската унија.
„ … Бидејќи моето чувство е дека во соседна Бугарија е создадена генерална перцепција, не само кај поединци во влада или во опозиција или во медиуми, туку генерална перцепција, дека сега е моментот да нагазиме и нашиот сосед кој сака да влезе во ЕУ или да почне преговори, сега да ги решиме тие прашања, на наш начин, за понатаму да немаме проблеми. Дури има и јавни изјави во таа насока на некои бугарски политичари кои велат дека треба да направат како што направија Грците – ако сакате да влезете таму и таму, мора да го решите спорот со името, инаку потоа нема да имаме ниту една следна прилика тоа да го направиме“, констатира Пендаровски. Целото интервју погледнете го ТУКА.