Пендаровски: Целта на Рамковниот договор не беше да прогласи победници и поразени

Со Охридскиот рамковен договор се стави крај на воениот конфликт во 2001 година и се поставија темелите за уставни и законодавни измени со кои се гарантираат правата на помалку бројните етнички заедници. Договорот беше резултат на едномесечни преговори со поддршка од претставниците на Европската комисија и од САД. Договорот се покажа како клучен за зачувувањето на суверенитетот и на територијалниот интегритет, како и унитарниот карактер на државата – пишува претседателот на државата Стево Пендаровски во пораката по повод 19-годишнината од потпишувањето на охридскиот Рамковен договор во 2001 година, на Фејсбук.

„По скоро две децении, со неговото спроведување, нашата земја ги зачува мирот и стабилноста, и постави највисоки стандарди за правата на заедниците. Денес, не постои причина да се сомневаме во иднината на мултиетничка и мултикултурна Република Северна Македонија која како член на НАТО, и се надевам во скоро време како членка на Европската Унија, нуди перспектива и благодат на сите свои граѓани. Да не дозволиме ништо да ги наруши единството, соживотот и меѓусебната почит. Мораме да ги оставиме конечно во историјата сите конфликти и недоразбирања. Да продолжиме да ја следиме визијата за иднината и да работиме за просперитетот и за доброто на сите наши граѓани“, продолжува Пендаровски.

Во пораката, тој посочува дека Охридскиот договор не бил лесно постигнат и оддаде признание на претседателот Борис Трајковски и на претставниците на политичките партии како потписници на Договорот, но и на меѓународната заедница, со чија помош и поддршка на земјава, која е постојана во сите овие 19 години, политичкото лидерство во 2001 година спречи, како што вели Пендаровски, ескалација на конфликт кој ќе донесеше огромни човечки загуби и разорувања и во кој никој не победува.

Во пораката, Пендаровски потенцира дека Охридскиот договор немал за цел да инаугурира победници и да прогласи поразени:

„Тој е основата за градење соживот за сите граѓани на Република Северна Македонија. По две децении не смееме да имаме делби и скепса. Да останеме посветени на економскиот напредок и на благосостојбата на сите наши граѓани и сложно да се соочиме со сите предизвици. Токму пандемијата со КОВИД-19 е сериозен тест за нашата функционалност, организираност, но и солидарност и заедништво. Премногу жртви дадовме, предолг пат изминавме, премногу време изгубивме, враќање назад нема, одиме напред сплотени и обединети“, порача претседателот.

- Реклама -