Пендаровски: Трагедијата со Вања ни го покажа амбиентот кој го изградивме со толерирање нелуѓе кои пропагираат антицивилизациски „вредности“

Претседателот на државата Стево Пендаровски денеска во своето годишно обраќање пред пратениците во Собранието се осврна и на случајот кој ја потресе македонската јавност, убиството на 14-годишната Вања Ѓорчевска, при што упати порака дека државата мора системски да се справува со сите оние кои пропагираат антицивилизациски вредности и ја загадуваат колективната свест.

-Државата мора системски и навреме да ги маргинализира оние кои пропагираат антицивилизациски вредности за да превенираме некои идни убијци кои освен наши граѓани, деца, возрасни или старци, можат повторно да ја убијат и нашата колективна совест, рече претседателот на државата, напоменувајќи дека крајот на оваа година ја донела најголемата тага во последната деценија.

– Преку личната трагедија на малата Вања и нејзиното семејство можевме како на дланка да ја видиме целата патологија на македонската транзиција, амбиентот кои сите ние, повеќе или помалку, го создававме во изминативе 32 години. Амбиент во кој, во јавниот простор, толериравме нелуѓе кои пропагираа меѓуетничка омраза и нетрпеливост, агресивни идеологии, говор на омраза, јавно упатуваа закани за линчувања на поединци и ликвидации на политички опоненти, рече Пендаровски.

Прочитајте и:  Сослушан возачот што го превезе Палчо до Турција, Кешишов го сменил првичниот исказ

Претседателот со порака дека секој поединец, а особено политичарите, многу почесто и погласно треба да зборуваат против овие појави, наместо да веруваат во моќта на демократскиот систем дека ќе може да ги толерира и апсорбира ваквите екстреми.

-За жал, потфрли и севкупниот општествен систем затоа што во името на некаков погрешно разбран демократски плурализам не ги оневозможи овие индивидуи од натамошно загадување на јавниот простор. Механизмите на правната држава едноставно мораат на време да ги санкционираат сите оние кои користат говор на омраза кон политичките противници, кои навредуваат или се закануваат на луѓе од друга вера или нација, мора да бидат забранети политички партии и невладини организации кои работат спротивно од декларираното во основачките документи и, во суштина, ја злоупотребуваат демократијата како неспорна вредност на модерниот свет, истакна шефот на државата во обраќањето во Собранието.

- Реклама -