Пендаровски: Тешка година без многу причини за радост, но да не ја губиме вербата и надежта – заеднички можеме да ѝ донесеме просперитет на нашата мала но преубава татковина

Во новата година да бидеме подобри, посолидарни, потолерантни и како поединци и како заедница, порачува претседателот на државата, Стево Пендаровски, во новогодишната честитка до граѓаните.

Зад нас, вели, е уште една тешка година во која сме немале многу причини за радост и славење.

„Глобалните кризи, заедно со нашите хронично присутни домашни проблеми, придонесоа повеќе да размислуваме за ублажување на последиците, отколку за развој. Ефектите ги гледаме околу нас: апатија, недоверба и разочараност кај граѓаните“, оценува тој.

Пендаровски, сепак, посочува дека низ историјата сме поминале и низ многу потешки времиња, а сепак, потенцира, не сме ги загубиле вербата и надежта.

„Потребно е да се вратиме на вредностите кои му даваат смисла на животот. Во новата година да бидеме подобри, посолидарни, потолерантни и како поединци и како заедница. Да ги надминеме недоразбирањата кои со години нè држат во место. Наместо на трката по материјални добра, да ѝ дадеме приоритет на добрината, да си помагаме едни на други, да градиме хумано и благородно општество“, порачува Пендаровски.

Тој на граѓаните во новата 2024-та им посакува, пред сè, добро здравје.

„Без разлика на етничката, политичката, религиозната, родовата или каква било друга припадност, сите живееме под едно исто небо, го дишеме истиот воздух, заедно делиме и добро и лошо. И со заеднички напори можеме да ѝ донесеме просперитет на нашата мала, но преубава татковина“, заклучува Пендаровски во новогодишната честитка.

- Реклама -