Членовите на Советот побараа користење на сите расположиви ресурси за да може секој граѓанин да ја добие неопходната здравствена заштита.
Претседателот на државата денеска упати личен апел до приватните здравствени установи – да ја разгледаат можноста да се откажат од профитот, за да ги направат нивните услуги подостапни за заразените со Ковид-19. На прес-конференцијата по завршувањето на 12-тата седница на Советот за безбедност, на која информираше дека членовите на истиот побарале користење на сите расположиви ресурси за да може секој граѓанин да ја добие неопходната здравствена заштита, Пендаровски побара, ако треба, приватните здравствени установи да го отстапат и својот медицински персонал, за да работи во јавните здравствени установи.
„Убеден сум дека во време на големи колективни страдања, не треба ничии семејни несреќи и трагедии да ги користиме за лична добивка и делење дивиденди“, порача Пендаровски.