Претседателот на државата – Стево Пендаровски, нареди Армијата да ангажира дел од силите и средствата како невооружени сили за извршување на задачи за поддршка на државните институции при справување со последиците од пандемијата на коронавирусот.
Како што соопштуваат од неговиот кабинет, наредбата, која стапува на сила веднаш, е потпишана врз основа на член 18/став 1/точка 5 и член 28 од Законот за одбрана, како и генералната наредба за ангажирање на дел од Армијата во мирновремени услови, односно во услови кога не е прогласена кризна, вонредна или воена состојба.
Согласно истата, Генералштабот на Армијата ќе ангажира сили и средства за медицинска поддршка на работата на здравствените установи и центри на Министерството за здравство, транспорт на заштитни и медицински средства и опрема.
Армијата ќе помага и за обезбедување на магацински простор за складирање на заштитни и медицински средства и опрема, поставување на шатори и друг вид на сместувачки капацитети наменети за лекување на заболени лица, како и за дезинфекција на простории и површини.
За спроведување на овие задачи, Генералштабот на Армијата е должен да ги подготви за ангажирање медицинските, силите за транспорт и силите за АБХО на Армијата.
Од кабинетот на Пендаровски додаваат дека Армијата и во минатото врз основа на истите правни основи била ангажирана во отстранување на последици од елементарни непогоди и поддршка на државните институции во мирновремени услови.
Наредбата, инаку, следува откако владата на последната седница го прифати предлогот на Министерството за здравство за ангажирање на припадниците на Армијата во обезбедувањето на болниците како дополнителна помош на припадниците на МВР.