Пендаровски: Посетата на Курти не беше проблематична, реагирав за истакнувањето на иконографијата

Со косовскиот премиер Албин Курти имам исклучително коректна соработка, досега сум се сретнал многу пати на различни конференции и ако смеам да си дозволам можам да кажам дека има добро мислење тој за мене како и јас за него, вели претседателот Стево Пендаровски.

-Посетата на Курти не беше проблематична сама по себе. Во неговата посета и во неговите јавни настапи и во Чаир и во Тетово не можам да видам ниедна реченица со која тој ја навредува Македонија или македонскиот народ. Мојата реакција беше на неговите домаќини кои се обидоа преку таква иконографија, сега прават нов политички субјект, се обидуваат да се окрупнат во албанската опозиција претпоставувам сакаат на таков начин да се допрофилираат пред својот потенцијален електорат, истакна Пендаровски во вечерашното гостување на ТВ Сител, прашан за реакциите во дел од албанскиот блок по посетата на Курти во земјава.

Тој го објасни и својот став околу преименувањето на улицата „Втора македонска бригада“ во „Адем Демачи“ кое, како што нагласи, не го спори. Пендаровски е зачуден зошто дури сега се менува името на улицата.

-Неспорно е преименувањето на улицата во „Адем Демачи“ зашто ако се работи за човек кој извесен период живеел и студирал во Скопје и живеел токму на таа улица и ако станува збор кога Европскиот парламент му ја дава Сахаров наградата пред 30 години јасно е дека не станува збор за некој си локален националист. Јас побарав демократска дебата зашто одлуката за преименување на улицата е донесена пред две години. Зошто сега ја имплементирате? Што сте чекале досега? Прво, треба тие луѓе, тоа е демократска дебата, како со детални урбанистички планови ќе им кажете утре планирам ова да градиме овдека или од утре ќе вадите нови лични карти бидејќи улицата ќе се вика вака. Одлуката е донесена од Град Скопје 2021, многумина меѓу кои и јас мислев дека не е повеќе во сила и е повлечена. Значи, не го спорам преименувањето. Патем кажав „Втора македонска бригада“ останува на друга улица. Ме чуди зашто сега лобирате да ја преименувате улицата после толку голем протек на време кога имате легитимна одлука на Град Скопје. Во таа насока беше барањето за демократска дебата со луѓето кои таму живеат, рече Пендаровски.

МИА

- Реклама -