Пендаровски со порака до ЕУ: Интеграцијата на Западен Балкан треба да е стратешка геополитичка одлука, а не техничко прашање

Европскиот проект нема да биде целосен доколку земјите од Западен Балкан не се интегрираат целосно во Европската Унија, нагласи претседателот на државата Стево Пендаровски во денешното обраќање на самитот ЕУ-Западен Балкан, во организација на влијателниот тинк тенк „Пријатели на Европа“.

Говорејќи на сесијата „Поддршка на регионализацијата: Мост кон силна и стабилна демократија“, Пендаровски истакна дека е време за нов пристап којшто ќе ја препознае интеграцијата на земјите од Западен Балкан во Европската Унија како главна стратешка и геополитичка одлука, а не како техничко прашање.

„Стабилноста и безбедноста на регионот, како и неговиот демократски развој, се потпираат на европската перспектива. Создавањето на вакуум во интеграцијата на регионот може да биде искористен од други надворешни сили. Земјите-членки на ЕУ имаат историска шанса да дадат придонес кон европската стабилност и просперитет“, порача тој.

Денеска дипломатски извори од Брисел информираа дека поради црвеното светло од Бугарија, целосно се блокирани Заклучоците на министрите на ЕУ за проширувањето на земјите од Западен Балкан и малку е веројатно дека ќе бидат усвоени на утрешниот состанок на Советот на ЕУ, во чија агенда се ставени под точката „разно“. Извори од Брисел посочуваат и дека мали се шансите, иако не невозможни, прашањето за проширување да се најде на дневен ред и на состанокот на лидерите на ЕУ на 10 и 11 декември, затоа што агендата е „преполна“ со другите проблеми на ЕУ, како што се трговското партнерство помеѓу ЕУ и Обединетото Кралство – за кое преговорите засега се блокирани, и преговорите за буџетот на ЕУ и фондот за закрепнување, во контекст на ветото на Унгарија која не прифаќа механизам за надзор на владеењето на правото.

Прочитајте и:  Митева: Мора да продолжиме на патот кон ЕУ, тоа е наша стратешка цел и за тоа ќе продолжиме да се бориме

На самитот, пак, Пендаровски додаде и дека со усвојувањето на новата методологија за водење на пристапниот процес, земјите од Западен Балкан треба да исполнат јасни критериуми, меѓу коишто се владеењето на правото и борбата против организираниот криминал и високата корупција, доколку сакаат напредок во интегративниот процес. Важна област е демократскиот развој, којшто според него, е под притисок на популистички движења и загрозен е од проблемите со владеењето на правото, нефункционални институции и ниската доверба во нив, како и скромниот социо-економски развој, којшто пак е меѓу главните причини за зголемена миграција, особено меѓу младите.

Како што истакна понатаму Пендаровски, регионалната економска интеграција може да биде од корист за интегративниот процес, имајќи предвид дека економскиот развој е еден од главните предуслови за подобрување на животниот стандард на граѓаните. Сите иницијативи коишто се во функција на интеграција во единствениот европски пазар се повеќе од добредојдени, додаде тој, потенцирајќи дека секоја економска иницијатива би била нецелосна доколку не биде поткрепена и со напредок во интеграција кон Европската Унија.

Одговарајќи на прашањата на учесниците на самитот, Пендаровски подвлече дека деновиве би сакал да слушне дека ќе се случи првата меѓувладина конференција помеѓу Северна Македонија и ЕУ, бидејќи, како што рече, „освен членството во Унијата, за нашата земја нема друга алтернатива“.

- Реклама -