Пендаровски: Одбележувањето на Гоце Делчев со соседите е чин на добра волја за намалување на тензиите

„Не гледам проблем во тоа некој од нашите соседи да искажува пиетет кон еден од камен-темелниците на нашата државност, без оглед дали постои или не постои формална одлука за заедничко одбележување на личноста и делото на Гоце Делчев“, изјави денеска претседателот Стево Пендаровски во врска со заедничкото чествување на 150-годишнината од раѓањето на македонскиот револуционер.

Во услови кога комисијата сѐ уште нема дојдено до заедничка формулација, ова е чин на добра волја од двете страни кој ќе помогне за намалување на тензиите кои уследија по бугарското вето, оцени Пендаровски.

„Не знам дали во формална смисла постои одлука за заедничко чествување, бидејќи тоа би требало да биде една од надлежностите на Историската комисија, меѓутоа, не гледам проблем и да не е така. Ние и пред да постои историската комисија, тоа ви е вам добро познато, сме имале заеднички чествувања на одредени настани, на одредени ликови. И без да има одлука на историската комисија сме правеле, и во Република Бугарија и во Северна Македонија, заедничко чествување на различни паметници. Така што не гледам проблем. Не гледам проблем во тоа да некој од нашите соседи искажува пиетет кон еден од камен-темелниците на нашата државност“, истакна шефот на државата на новинарско прашање во врска со тоа што македонска и бугарска делегација ќе положат цвеќе на гробот на Делчев во црквата Свети Спас во Скопје.

Во контекст на забелешките на претседавачот на македонската страна во комисијата за историски прашања, Пендаровски оцени дека заедничкото чествување нема да биде пречка за работа и не претставува притисок врз работата на комисијата, во која прашањето за Гоце Делчев е сѐ уште камен на сопнување.

„Нема да пречи. Нема да пречи зашто тие разговараат во Комисијата околу година и пол за Гоце Делчев за заемно прифатлива формулација. Досега нема најдено заедничка прифатлива формулација, меѓутоа не гледам проблем да се чествува во меѓувреме. Ниту политичарите ќе прејудицираат решение на историската комисија, ниту ова може да се третира како некаков вид на притисок – ‘ајде побрзо најдете заедничка солуција или формулација’. Мислам дека е чин на добра волја од двете страни да ги олабавиме малку тензиите, кои за жал во последнава година дена се прилично високи во таа билатерала од познати причини – поради бугарската блокада. И ова го гледам само во таа насока, не како чин кој ќе ја вжешти атмосферата и ќе ни одмогне да најдеме заедничка солуција, туку ќе ни помогне“, рече Пендаровски.

Извор: МИА

- Реклама -