Пендаровски: Од бугаризација се плашат или најавуваат само Македонците кои имаат лабаво национално самочувство

Во наредните 14 месеци скринингот треба да биде апсолутно најважниот политички приоритет за нас, смета шефот на државата Стево Пендаровски.

„Да се фатиме за реформи бидејќи имаме доста домашни задачи на тој план“, порача тој вечерва во гостување во магазинот „Трилинг“ на ТВ 24.

„Не мислам дека промената на Уставот, денес или во месеците кои доаѓаат, треба да биде политички приоритет на Владата. Но, ако Владата која има мнозинство во Парламентот мисли поинаку, не можам да речам не. Мислам дека треба да се посветиме на работите кои додека преговараме и чекавме изминатите две години за некако да ја надминеме бугарската блокада… тука некои работи не одеа на добро, особено во делот на владеење на правото и борбата против високата корупција“, рече Пендаровски.

Во интервјуто, тој најави дека на 1 октомври ќе отпатува во Софија, на покана на бугарскиот претседател Румен Радев. Тој посочи дека досега имал четири телефонски разговори со неговиот бугарски колега на тема увоз на електрична енергија.

Таму се отвора интерконекторот меѓу Грција и Бугарија, а ќе бидат присутни, како што е најавено, и неколку претседатели и премиери од регионот, а целта, меѓу другото, е да покажеме дека не треба да се гледаме и понатаму како непријатели туку напротив – како добри соседи кои си помагаат и во неволја, рече Пендаровски.

Во однос на спорот со Бугарија, а во контекст на францускиот предлог, протоколот и уставните измени, Пендаровски оцени дека заканата од бугаризација не е реална.

„Од бугаризација се плашат или најавуваат дека ќе ни се случи само Македонците кои имаат лабаво национално самочувство. Навредливо е за македонската нација да кажеш дека протокол, договор, преку механизми на европска интеграција, дека јас и ти можеме да станеме Бугари. Тој дух на наводна бугаризација која ни се заканува е измислен од страна на опозицијата за да го плаши македонскиот народ, кој има свои длабоки корени и цврсто втемелено национално члувство, а ние сме токму тоа, нема потреба да се плашиме од бугаризација. Мислам дека тоа е испукан ќор фишек, бидејќи нема никаква опасност дека ние низ европските процеси на крајот на станеме Бугари“, дециден е Пендаровски.

Прочитајте и:  Митева: Мора да продолжиме на патот кон ЕУ, тоа е наша стратешка цел и за тоа ќе продолжиме да се бориме

Во однос на референдумот, шефот на државата истакна дека негов политички став е дека референдум ни е нужен, но не, како што рече, со „овие магливи варијанти“ што ги предлага ВМРО-ДПМНЕ.

„И јас бев спремен да излезам и да гласам на референдум на кој ќе се поставеше прашањето ‘дали сте за ЕУ или не сте’ “, рече Пендаровски.

Во однос на енергетската криза и дали истата се злоупотребува за некој да профитира на грбот на граѓаните, Пендаровски нагласи дека профитерите се јавуваат секогаш кога има кризи, војни, конфликти. Според него, кризата пред сѐ резултат на недостаток од стратешко размислување на сите политички елити од 1990 година до денес кои, како што рече, само гледале да го истераат мандатот, а не и да вложат во такви големи капитални инвестиции во енергетскиот сектор.

„За жал, ние сме ‘купи ден – помини’ политика“, оцени претседателот на државата.

Извор: МИА

- Реклама -