Пендаровски: Непристрасност и целосна евроинтеграција во постоечките услови се клучни услови за секој кандидат за претседател

Неколку елементи се нужни за чија било кандидатура за претседател на држава, не зборуваме за градоначалник на некоја општина. Значи, мора да бидете непристрасен кон сите, независно по која определба и еднакво важно, мора да се залагате за целосна евроатлантска интеграција на државата. Мислам дека тие два критериума секогаш важеле дури и за оние кои претходно учествувале во претседателска трка, а не ги исполнувале тие критериуми освен реторички. Тоа се едноставно услови без кои не се може, вели претседателот Стево Пендаровски.

Во однос на евроатлантската интеграција, како што вели во интервју за „Слободен печат“, половина од работата е завршена, а другата половина претстои.

– Според мене, и тоа треба да биде услов без кој не се може, да се залагате за членство во ЕУ со овие предуслови што ги имаме на маса во последните неколку години, посочува Пендаровски, прашан во врска со критериумите кои идниот кандидат за претседател би требало да ги исполнува а кои беа спомнати минатата недела поранешниот премиер Димитар Ковачевски.

Според Пендаровски, тоа што бил кандидат во 2014-та и во 2019-та и добил широка и политичка и граѓанска поддршка, јасно е дека според мнозинството граѓани ги исполнува условите што ги набројува, а тоа е неговото залагање за интеграција на земјата во светот и што не покажал досега дека некого фаворизира само затоа што е од една или од друга етничка или религиозна припадност.

Тој повтори дека одлуката дали ќе биде кандидиат за втор претседателски мандат ќе ја донесе кон средината на следниот месец.

-Од 16 до 18 февруари учествувам на Минхенската безбедносна конференција и таа одлука ќе биде донесена пред или по тоа патување, бидејќи секако треба да бидам во Скопје, нема од странство да ја објавувам, наведува Пендаровски.

Прашан дали тоа што е на неофицијалната листа на СДСМ на предлози за кандидати од општински организации на СДСМ ќе му помогне да ја донесете одлуката за својата кандидатура, шефот на државата го нагласува својот став дека сосема независна кандидатура не може да биде успешна во земјава.

– Мора да имате поддршка од што е можно повеќе политички субјекти, партии, и на крај ако можете да донесете нешто плус, надвор од тие партиски електорати. Добро е кога ве спомнуваат што повеќе организации. Во 2019 година бев предложен во речиси сите општински организации на СДСМ, иако потоа ја добив поддршката и од другите партии во тогашната коалиција, нагласува Пендаровски.

Во однос на изјавивте дека ако не добие поддршка од ДУИ, нема да се кандидира за претседател, тој појаснува дека и првиот пат кога се кандидирал рекол дека му е многу важно да добие поддршка од политички партии што се репрезенти на различни етнички заедници.

Прочитајте и:  Македонија и ЕУ потпишаа Договор за партнерство за безбедност и одбрана

-Кога завршија и првиот и вториот изборен циклус пред 5 и 10 години, реков дека сум особено задоволен што во бројката гласови имам гласови од сите етнички заедници што живеат во Македонија, бидејќи јас сум етнички Македонец, но не сакам само Македонци да ме гласаат. До денеска се држам до правилото да им помагам на сите, независно дали се Македонци, Албанци Турци итн. Така го разбирам слоганот претседател на сите граѓани, посочува Пендаровски.

Прашан ако ДУИ и другите партии од албанската опозиција излезат со нивни кандидати за претседател, дали би се согласил да биде кандидат на СДСМ и на коалициските партии, Пендаровски вели дека важна е поддршката од сите партии на етнички заедници

– Прво, не е точна тезата дека јас минатиот пат сум избран со гласовите на Албанците во Македонија. Ме избирале и Албанци, и Македонци, и Турци и сите други. Трката е во два круга, ако сум кандидат, не мислам дека не треба да се пријавувам ако ДУИ или другите партии на Албанците не ме поддржат од почетокот, и обратно, ако ДУИ или другите партии ме поддржуваат дека морам да се пријавам зашто сигурно ќе победам. Прилично хетерогено е гласачкото тело и не може така црно-бело да се гледаат работите. Сакам да имам поддршка од сите партии на етничките заедници, но не мислам дека тоа е пресудно, особено не во првиот круг. Бидејќи прагот за победник во првиот круг, 50 отсто плус еден од сите бирачи на избирачкиот список, е невозможен, не може да се постигне. А во вториот круг кога ќе останат само двајца кандидати, двајца финалисти, и оние кои имале кандидати во првиот круг ќе ги пренасочуваат своите гласачи кон другите или ќе им речат гласајте по свое убедување. Битна е поддршката во вториот круг од партиите на сите етнички заедници и од граѓаните, подвлекува Пендаровски.

Тој ја коментар и за можноста доколку повторно би ја имал за противкандидат Гордана Силјановска, со оглед на истражувањата во партиите каде двајцата се посочени како сериозни кандидати.

– И претходно сум бил во таква ситуација и, не знам колку ќе поверуваат луѓето, но мене ми е совршено небитно кој е од другата страна. Битно ми тоа во коешто јас верувам да можам да убедам што повеќе луѓе, порачува претседателот Пендаровски.

- Реклама -