Пендаровски: Не постои ниту еден релевантен историски извор кој би ја потврдил лагата на Радев за 10 илјади убиени во Македонија

„Постојат потврдени историски факти, кои не ги спори ниту бугарската историографија, дека Ванчо Михајлов бил соработник на Хитлер“, изјави денеска претседателот на државата Стево Пендаровски, коментирајќи ја изјавата на неговиот бугарски колега Румен Радев за Ванчо Михајлов и за фашизмот.

„Во 1944 година, по инструкција на Хитлер, Михајлов доаѓа во Скопје во обид да воспостави независна македонска држава и, откога не добива поддршка од локалното население, рапортира назад кон неговиот шеф во Берлин дека тоа не е возможно. И само тоа е доволно да го прави фашист, нацист. Ако си следбеник на таа идеологија, ти си нацист. Ако ја користиш, како во неговиот случај, нацистичката идеологија за остварување на сопствени политички цели, пак си нацист. Во спротивно би зборувале за воен злосторник; не велиме дека бил тоа, туку бил неспорно следбеник и корисник на услугите на фашистичкиот режим во Берлин во тоа време“, истакна Пендаровски, одговарајќи на новинарски прашања по прес-конференцијата со неговиот летонски колега кој е во посета на Северна Македонија.

Изјавата на бугарскиот претседател Румен Радев дека по воспоставувањето на југословенската диктатура во Македонија, десетици илјади луѓе се испратени и убиени во концентрациони логори, претседателот Пендаровски ја оцени како лага за политички цели.

„Не постои ниту еден релевантен историски извор кој ќе потврди дека 10 илјади луѓе биле во концентрациони логори во Македонија во тоа време. Ниеден, ниту во бугарската, ниту во македонската, ниту во светската историографија. Нешто што може да влезе во дефиницијата на концентрациони логори во времето на поранешна Југославија постои само на Голи Оток, денешна Хрватска. На територија на Македонија никогаш немало концентрациони логори, ниту тогаш, ниту денес. Бројката од 10 илјади наводно убиени е лага, гола конструкција за политички цели“, нагласи Пендаровски.

Ставот на шефот на македонската држава е дека треба двете држави да се концентрираат на вистинските, реални критериуми за влез во Европската унија, а не доминантно на решавање на историските прашања.

„Ако се концентрираме предоминантно на решавање на историските контроверзи, никогаш нема да се договориме. Ако се концентрираме на она што е вистински реален критериум за влез во ЕУ – владеењето на правото, борбата против корупцијата, човековите слободи и права, ние можеме многу брзо да дојдеме до заеднички прифатлива солуција. Ако зборуваме дали во 11 век Самуил бил Бугарин, Македонец, Ерменец итн., никогаш нема да се усогласиме. Историјата на историчарите. Јас, колегата Радев, сите ние не сме бирани на избори за да решаваме кој каква националност бил во времето на Самуиловото Царство. Ние сме избрани од граѓаните да ги решаваме сегашните проблеми – стандард на живеење, инвестиции, подобар живот“, порача Пендаровски.

Во однос на вметнувањето на Бугарите во Уставот, Пендаровски рече дека постои политичка волја и од страна на власта и од страна на опозицијата.

„Во однос на Бугарите во Уставот сосема накусо. Постои политичка волја, претпоставувам тоа ви е на сите јасно и на страната на власта и на страната на опозицијата, што е едно од многу ретките прашања за кое и власта и опозицијата кај нас во Северна Македонија немаат никаков проблем“, истакна Пендаровски.

Според него, останува прашање на време кога тоа да се направи и која е гаранцијата дека после тоа нема некоја идна бугарска влада да бара повторно промена на Устав или некои други политички барања.

„Мислам дека еден од начините на кој може да се пријде на тоа прашање со намера да се реши, е преспанската формула“, потенцира Пендаровски.

МИА

- Реклама -