Ако цената за влез во ЕУ е да се обезличиме, не ни e потребна ЕУ – повтори претседателот на државата – Стево Пендаровски, денеска на панел дискусијата „Триесет години независност и евро-атлантските перспективи на Република Северна Македонија“ во организација на невладината организација Еуропроспера.
Пендаровски говореше за неуспехот на процесот на проширување, за принципот на консензус како причина за блокадите во ЕУ и парализираност во носењето на брзи одлуки, но и за чекорите што ние треба да ги преземеме наместо да седиме со скрстени раце чекајќи добри вести од Брисел.
Пендаровски истакна дека забележува неколку трендови што не му одат во прилог на европроширувањето и оцени дека од 2004-2005 година проектот „обединета Европа“ оди во надолна линија, а како настани кои придонеле во таа насока ги посочи светската економска криза во 2008 и 2009 година, мигрантската криза во 2015 година, но и неколку неповолни тенденции во владеењето на правото кај некои од членките – кое е конститутивен елемент на Европската унија.
Сепак, главниот проблем на Унијата, оцени Пендаровски, е принципот на едногласно одлучување, односно носењето на одлуки со консензус.
„Клучниот проблем на ЕУ, поради кој таа нема никогаш да биде геополитички играч од крупен калибар, е тоа што тие, практично за сѐ, работат со консензус. Ако и еден е против, ЕУ не може да донесе одлука. Практично таа е закочена, таа е парализирана од клучниот механизам по кој се имаат договорено да работат. Без измена на тој принцип, ЕУ не може да биде битен глобален играч“, рече претседателот, посочувајќи дека има некакви зачетоци и обиди за промени на тоа поле, но засега во Брисел нема атмосфера во која тоа би било прифатено. „И за да го смените принципот на консензус, мора да имате целосен консензус“, потсетува Пендаровски.
Тој истакна дека во спорот со Бугарија ние веќе немаме што да понудиме.
„Јасно е кажано од Софија дека во недостаток на Парламент и во недостаток на политичка влада тие нема да можат да дадат зелено светло. Сѐ што можеше од наша страна да биде понудено како гест на добра волја, а што не излегло од рамките на едно резонско разговарање и преговарање за битни аспекти на билатералата со Софија, беше понудено. Се разбира, не можеме да влеземе во идентитетскиот комплекс и ако некој очекува дека по јули или август ќе го направиме тоа, тој се лаже“, рече Пендаровски.
Сепак, тој стави акцент на тоа дека во услови кога проширувањето на ЕУ де-факто е замрзнато, ние не смееме да седиме со скрстени раце. Пендаровски, како конкретен чекор, предложи продлабочување на соработката со САД, врз основа на Договорот за стратешко партнерство со САД од 2008 година. Без помош од ЕУ и САД, доколку процесот на „носење на Европа дома“ го тераме самостојно, тој може да трае и петкратно подолго, а тоа би значело дека уште повеќе ќе заостануваме зад Западот, особено на полето на дигиталната инфраструктура, која, како што оцени Пендаровски, ќе биде клучниот фактор за успешноста на државите во иднина и кој директно ќе значи поголема економска стабилност и поголема безбедност.
„Ова не значи откажување од европските интеграции, напротив. Но, ако продолжи спорот со Бугарија, мора да бараме алтернативи“, додаде претседателот.
Подетално, неговите ставови можете да ги чуете во видеото: