Највисокиот правен акт – Уставот не треба да се отвора премногу често, туку само кога навистина има причина за тоа, е ставот на претседателот на државата – Стево Пендаровски.
„Сензитивно е прашањето. Прашање е дали сега ни треба какво било отворање на Уставот; ако ме прашате мене, не ни треба. Сега на Република Северна Македонија не ѝ треба преотворање на највисокиот правен акт, а понатаму, меѓутоа само со апсолутен консензус на сите политички фактори во Собранието, би требало да го направиме тоа“, изјави Пендаровски на денешната прес-конференција по седницата на Советот за безбедност.
Одговарајќи на новинарско прашање во врска со иницијативата за намалување на бројот на пратеници од 120 на 90, Пендаровски истакна дека секогаш, а не само во овој случај, е добро да се рационализираат трошоците на државата.
„Познато е дека ние имаме гломазен државен апарат и Собранието влегува во тој државен апарат. Сѐ што оди на редуцирање на трошоците на граѓаните и на намалување на буџетот во тој дел јас го поддржувам. Меѓутоа, во политичкиот дел е секојпат проблематично кога го отворате Уставот. Мој став е дека Уставот ние во изминативе години премногу често го отворавме. Уставот не треба пречесто да се отвора. Уставот треба да се отвора кога навистина има причина за тоа“, рече шефот на државата.
Извор: МИА