Пендаровски: Македонци во Бугарија постојат, барањето за вметнување на Бугарите во Уставот е мешање во нашите внатрешни работи

Скопје, 18 јануари 2022 (МИА) – Барањето на Бугарија, Северна Македонија да ги запише Бугарите во Уставот, е мешање во внатрешните работи, дециден е претседателот Стево Пендаровски.

Според него, Македонци во Бугарија постојат, но тие се бугарски државјани и нивното право од тој аспект треба да го бараат на индивидуално ниво. Доколку ги исцрпат сите правни механизми во Бугарија и не добијат такво право, тогаш се обраќаат во Стразбур.

„Македонци во Бугарија постојат. А дали ние од тука, како држава ќе се мешаме да ги помагаме нивните права, не. Зошто не? Правило број еден во меѓународно право, меѓународна политика, член два од Повелбата на ОН – важи за сите држави во светот: нема мешање во внатрешните работи на државата. Тие се бугарски државјани, граѓани на Република Бугарија. Ве уверувам дека македонската држава никогаш на ниво на држава не се обидувала таму да ги буцка, да ги провоцира, да им вели – излегувајте, да им дава помош. Тоа се решава на индивидуално ниво. Се чувствуваш како Македонец, ќе го кажеш тоа. Ако не ти даваат, одиш во Стразбур. Тоа е патот. Нема друг начин“, истакна Пендаровски во 24 анализа.

Дека барањето на Бугарија, Северна Македонија да ги запише Бугарите во Уставот, е мешање во внатрешните работи, Пендаровски денеска не му го кажал на премиерот Петков, зашто тоа тој од него, како што рече, не го побарал.

„Ти не можеш од надвор да ми кажеш, тие се наши државјани. Постојат Бугари во Македонија, но нашите власти се надлежни за нивните права. Ако ние ги прекршуваме нивните права или тие не се задоволни како ние ги заштитуваме нивните права, тогаш тие ќе одат во Стразбур, но тие се моја грижа, зашто се мои, наши граѓани. Како што јас немам право и не смеам да кажам „ти ќе им ги дадеш правата на Македонците во Бугарија, така и тој нема право да ми каже дали треба или мора да ги впишеме Бугарите во уставот. Тоа е наша суверена одлука“, објасни претседателот.

- Реклама -