Во кампањата се изнаслушавме ветувања за намалување на привилегиите на претседателот, па дури се споменуваше и претседателската вила на Водно како некаков вишок од кој ќе може да се крати.
Меѓутоа, како што објасни новиот претседател Пендаровски во интервју за „360 степени“, во реалноста е малку поинаку.
„Најголемата забуна настана околу местото каде што ќе се живее. Малкумина тоа го знаат и јас не го знаев, горе резиденцијата е само работен дел, претседателот спие во таа стара резиденција, погоре што е малку на Водно. Тука може да се направи некаква редукција, меѓутоа луѓето од безбедносните служби велат дека ќе биде проблем да останам да живеам кај што сум сега, а да одам на работа во новата резиденција. Јас живеам во зграда кај што има 19 станови само во тој влез, и уште два влеза плус, па веројатно нивниот секојдневен режим на живеење ќе трпи заради тоа што треба да има некакви мерки на заштита кон мене и кон моето семејство, како што вели законот. Затоа мислам дека комплетно ќе одам на Водно и со живеење и со работни простории“, вели Пендаровски.
Сепак, тој не отстапува од ветувањето за намалувањето на претседателските привилегии.
„Во делот на останатите активности ќе се потрудам, и тоа ќе го видите веќе од првиот ден, здравје Боже, кога ќе поминува претседателот по улиците, да не се забележува дека поминува. Значи нема да биде блокиран целиот сообраќај или целиот град да страда да чека во било какви временски услови, додека помине таа колона со рото-светла итн“, вели тој.
Целото интервју на „360 степени“ погледнете го ТУКА.