Претседателот на државата му го додели мандатот на лидерот на СДСМ – Зоран Заев. Како што беше најавено вчера од Кабинетот на Претседателот, денеска напладне, во Вила Водно, Пендаровски го прогласи Заев за мандатар кој ќе се обиде да ја формира идната влада, како предводник на коалицијата „Можеме“, која освои најголем број пратенички места на парламентарните избори на 15 јули.
Заев се заблагодари на честа и одговорноста и порача дека ќе формира демократска, одговорна, европска влада, со институции кои уште повеќе ќе им служат на граѓаните. Во следните 20 дена, рече тој, ќе се обиде да формира стабилна влада со полн четиригодишен мандат, која ќе биде подготвена да сработи, да служи, која ќе се грижи за сите граѓани подеднакво и ќе биде ослободена од какви било етнички предрасуди и било какви национализми, која уште повеќе ќе го развива концептот „Едно општество за сите“.
Пред Собранието, како што рече Заев, ќе предложи Влада составена од квалитетни, одговорни и отчетни кадри, решена силно да се бори против криминалот и корупцијата на сите нивоа, а особено внимание ќе посвети на прочистување на правосудството и проверка на потеклото на парите кај секој функционер.
Програмата на Владата, уверува Заев, во најголема мера ќе биде посветена на новата македонска економија, каде главните принципи се раст на платите и пензиите, вложување во младите и рамномерниот регионални развој, но и уште поголема грижа за најсиромашните граѓани и уште поголема поддршка за домашното стопанство.
„Северна Македонија ќе добие Влада која го следи јасниот правец за кој е определено големото мнозинство граѓани – тоа е европскиот пат, патот на економијата и правдата, патот до просперитет и долгорочна стабилност. Ќе водам Влада која не знае за скршнување од патот кој после членството во НАТО води до членството во Европската Унија“, рече лидерот на СДСМ и коалицијата „Можеме“.
Новата Влада, истакна исто така Заев, во целост ќе ги почитува Преспанскиот договор со Грција, Договорот за добрососедство со Бугарија и охридскиот Рамковен договор.
По повод 19-годишнината, тој воедно им го честита потпишувањето на Рамковниот договор на граѓаните, но и му оддаде почит на тогашниот претседател и сега покоен Борис Трајковски, за, како што рече, „големината да се создаде и прифати Охридскиот договор како решение кое денес ни овозможува да имаме релаксирани односи меѓу заедниците, а со тоа и безбедна и сигурна земја, членка на НАТО“.
Заев посочи и дека очекува дека за најмногу 20 дена, но и многу порано, државата ќе добие ефикасна влада која веднаш ќе се зафати со справување со предизвиците, вклучително и пандемијата на Ковид-19.