Пендаровски до учениците од ОУ „Панајот Гиновски“, каде и тој учел основно: Учете, ама и создавајте пријатели за цел живот, како мене

Претседателот Стево Пендаровски денеска се потсети на своите училишни денови, но и упати низа пораки до учениците, но и до наставниците. Имено, Пендаровски го посети основното училиште „Панајот Гиновски“ во населбата Бутел 2, каде што и самиот во 1971 година бил прваче.

На учениците тој им го пренесе она што тој самиот го научил од училишните денови и, секако, од животот. Им порача на учениците да учат за да бидат најдобри, да читаат што е можно повеќе и да не забораваат дека знаењето сигурно ќе им помогне во животот.

Но, Пендаровски на учениците им пренесе и една друга важна лекција – да се дружат и другаруваат. Тој го истакна фактот дека ОУ „Панајот Гиновски“ отсекогаш било мултиетничко училиште и порача дека тоа не само што не треба да биде пречка, туку е и предност. Претседателот истакна дека во животот човек секогаш е поуспешен и посреќен кога има повеќе другарчиња и пријатели и изрази увереност дека и учениците во ова училиште со радост ќе се сеќаваат на школските денови и ќе создадат пријатели за цел живот, како и самиот тој пред многу години.

На наставниците, пак, Пендаровски им порача да ставаат само заслужени петки, но и да им остават на учениците малку слободно време за дружба, за да не го чувствуваат училиштето како наметнат товар. Слична порака добија и родителите – да ги тераат децата да учат, но и да ги тераат да играат надвор и да се дружат.

Пред првачињата се обрати и градоначалникот на Општина Бутел – Велимир Смилевски. Истакна дека посетата на претседателот е голема чест и го посочи Пендаровски како доказ дека и ОУ „Панајот Гиновски“ може да произведе квалитетни кадри.

- Реклама -