Пендаровски: Две работи се клучни за државата – одржување на стабилни меѓуетнички односи и продолжување на евроинтеграцијата

По нашите избори следната година, без оглед како ќе одлучат македонските граѓани, две работи се клучни за државата: одржување на стабилни меѓуетнички односи и западната ориентација во надворешната политика, односно продолжување на европската интеграција, смета претседателот на државата Стево Пендаровски.

-Наш приоритет треба да биде преку константен политички дијалог меѓу власта и опозицијата да го зголемиме внатрешниот потенцијал за постигнување консензус по битните национални прашања, а, во тој сегмент годинава се случи своевиден парадокс: имено, во март, меѓународната заедница, верувајќи во нашите капацитети, ни ја довери организацијата на дијалогот меѓу Белград и Приштина, а во исто време, без асистенција на таа иста меѓународна заедница, преку дијалогот Жан Моне, немаше да го усогласиме новиот Деловник за работа на Собранието.

Во годишното обраќање пред Парламентот, последно во неговиот петгодишен мандат, актуелниот шеф на државата, посочи дека идната година во Брисел и во Вашингтон, наши клучни стратешки партнери, ќе се одржат изборни циклуси од чиј исход ќе зависат многу работи.

– Растот на популизмот во Европа не е новост, но, како никогаш досега, популистичките сили добиваат политичка тежина и влијание во процесите со кои е опфатена и нашата држава. Сето ова се случува на фонот на војната во Украина, конфликтот на Блискиот Исток и геостратешката конкуренција меѓу двата клучни фактори во меѓународните односи. Предвидувањата се дека овие трендови нема суштински да се променат ниту во 2024 година, рече Пендаровски.

Прочитајте и:  Средба на Сиљановска Давкова со Орбан: Како држава не гледаме алтернатива за интеграцијата и полноправното членство во ЕУ

Агресијата на Русија врз Украина, како што кажа, ги поремети пазарите за храна и енергија во светот, но, пред сѐ, безбедносната инфраструктура во Европа создадена по падот на комунизмот. Иако Западниот Балкан е навидум доволно далеку од тој крај на светот, Пендаровски вели дека „не може да се исклучи дека во одреден контекст е можно зголемување на тензиите и во нашиот регион во кој има украински бегалци, руски државјани и фирми формирани од нив, зголемен интензитет на сајбер напади, а свој потенцијал имаат и старите, фрагилни точки во регионот: северот на Република Косово и ентитетот Република Српска во Босна и Херцеговина каде што клучна стабилизирачка улога имаат меѓународните мисии во кои и ние учествуваме“.

- Реклама -