Албанец може да биде на функцијата претседател на државата, но мора да ја има и поддршката од сите етникуми, одговорил претседателот на државата Стево Пендаровски, во интервју за „Еуроњуз Албанија“ на прашањето за можноста Албанец да ја преземе функцијата претседател на Северна Македонија.
Според него, етнички Албанец не може да биде шеф на државата без гласовите на сите етникуми.
– Избран бев благодарение на гласот на сите гласачи од сите етникуми, вклучително и на Македонците кои го сочинуваат најголемиот број во државата, се разбира. Значи тоа се избори на национално ниво. Зошто да не биде Албанец претседател, но мора да има поддршка од македонскиот и другите неалбански етникуми. Етнички Албанец не може да биде претседател на Република Македонија без гласовите на сите етникуми, рекол тој.
Со други зборови, додава тој, мојата улога се гледа и во оваа функција и во овие пет години сум еднаков за сите етнички заедници.
– Во однос на моите уставни и законски овластувања, се обидов да им помогнам на сите, без разлика на нивната етничка припадност, за да го добијат заслуженото место во нашето мултиетничко општество. Што се однесува до албанската етничка припадност, искрено ме ставивте во непријатна положба бидејќи не сакам да зборувам за тоа што сум постигнал генерално во мојот мандат, но бидејќи сте заинтересирани како медиуми, можам да кажам дека Албанците во овие пет години во нивоата кои се во моите овластувања и кои се во одбраната, безбедноста и надворешната политика достигнаа највисоки менаџерски нивоа и практично имаме Албанец кој е директор на агенцијата за разузнавање. Во мојот кабинет еден од клучните советници, кој е советник за национална безбедност е Албанец, имаме Албанец кој е генерал во македонската армија кого го унапредив и слично, но ќе разберете зошто не сакам многу да зборувам на оваа тема бидејќи граѓаните на Македонија треба да зборуваат на оваа тема, изјавил Пендаровски.
Одговорил и на прашањето „како би реагирале граѓаните на Македонија доколку шефот на државата е Албанец“.
– Работата во политиката денес е транспарентна. Граѓаните гледаат сè што се случува. Имавме шанса да видиме каков е Али Ахмети како пратеник, каков е Џафери, кај кого нема да има никаква промена од функциите што ги извршуваше. Не се плашиме дека Албанец не би работел за интересите на Македонија, изјавил тој.
Пендаровски изјавил дека од порано приватно се познава со Талат Џафери и додал дека е непристрасен и коректен во работата.
На прашањето какви биле односите со претходниот и актуелниот шеф на албанската држава, тој вели дека во односите со сите колеги се предводи од принципот дека избраниот од нивните граѓани е негов легитимен соговорник.
– Со двајцата споменати претседатели на Република Албанија, претходниот Илир Мета и актуелниот претседател Бајрам Бегај имаме одлична комуникација. Во тој период успеавме да реализираме продуктивна приватна соработка и надвор од политичката сфера. Честопати се среќаваме и разговаравме за неполитички теми, а на политички план сме имале одлични односи, како што се одлични и односите меѓу Албанија и Северна Македонија, оценил Пендаровски.
Во однос на неговата 20-годишна, како што вели, целосна посветеност во служба на државата, како најтежок момент ја оценува 2001 година, во која состојбата е надмината „благодарение на балансираната и мудра политика на тогашниот премиер, Бранко Црвенковски и на политичките субјектите-партиите, кои знаеја дека патот на Македонија кон стабилност е само преку тоа што е дел од евроатлантските структури и соживот со Албанците и другите етнички заедници.
– Сета таа голгота од седум-осум месеци ја поминавме во 2001 година. Дојдовме до Охридскиот рамковен договор, кој до денес е камен-темелник на оваа мултиетничка Македонија, која во овие 22 години веќе нема големи безбедносни проблеми и во меѓувреме стана и членка на НАТО и ова е извонреден успех за држава која претходно беше во конфликт, нагласува претседателот.
Тој и со оценка дека во последните две децении Албанците напредувале.
– Како бројка, мислам дека е добро да се истакне дека, ако во 2001 година имаше само 2,4 проценти вкупно во сите институции, сега оваа бројка е 21 проценти и важно е да се каже дека овие бројки не се рамномерно распоредени во нивоа надолу и нагоре во политички функции, можам да кажам дека Албанците биле на највисоките државни функции. Имавме претседател Албанец на Парламентот, сега имаме премиер Албанец и не се сомневам дека ќе дојде ден кога ќе можеме да имаме претседател Албанец, ако ги освои гласовите на сите етнички групи, како што се случи во мојот случај, констатира претседателот Пендаровски.