Пендаровски: Ако опозицијата опстои на променетиот став, уставните измени не се недостижни

„Опозицијата направи промена од 180 степени во однос на сопствените тврдења во изминатите месеци и на лидерската средба од нивна страна не беше спомнат бугарскиот диктат, ниту дека овој парламентарен состав нема мандат за уставни промени. И ако продолжат да се држат до овој нов пристап, без споменување на небулозните тврдења дека само како Бугари можеме да влеземе во ЕУ, тогаш бројката од 80 пратеници за усвојување на уставните измени не е недостижна“, вели претседателот Стево Пендаровски во интервју за „Фактор“.

„Ако во нашиот Устав веќе 22 години имаме внесено седум народи и делови од народи, каква штета може да има за македонскиот народ и идентитет ако внесеме уште шест етнички заедници кои живеат тука. За жал, опозицијата реши да се грижи повеќе за својот рејтинг отколку за стратешките интереси на државата и само тоа е причината зошто е неизвесно дали ќе дојде до промената на Уставот“, вели Пендаровски, потсетувајќи дека средбата на премиерот и лидер на СДСМ, Димитар Ковачевски и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, најголемата опозициска партија прифати да влезе во Владата и да предводат пет ресори, а единствено изрази противење само за учество на ДУИ во таквата Влада.

Претседателот Пендаровски наведува дека од првиот ден на усвојувањето на преговарачката рамка во Собранието, тој не бил ниту оптимист, ниту песимист, туку реалист „кој многу добро знае што содржи рамката и кои се позициите на двата спротивставени политички блока во однос на неа“.

Според шефот на државата, процесот на уставни измени нема ниту правна, ниту политичка поврзаност со евентуални предвремени парламентарни избори.

„Слична ситуација имавме и по завршувањето на последните локални избори кога опозицијата настапи со идентично барање, меѓутоа и тогаш и сега, освен аргументи, немаше мнозинство за распуштање на Парламентот, а тоа е единствениот начин да предизвикате предвремени избори“, нагласува Пендаровски.

Во врска со законите поврзани со договорот со „Бехтел и Енка“, Пендаровски наведува дека клучен факт да одлучи да ги потпише било тоа што измените на Законот за работни односи не ја содржат одредбата што минатата година Уставниот суд ја прогласи за неуставна, а која предвидуваше дека работното време на секој работник може да биде во просек 60 часа неделно во текот на годината.

„Указите кои претседателот ги потпишува се однесуваат на законите кои се изгласани во Собранието, така што, во конкретниов случај, тие укази не се однесуваат на договорот меѓу Владата и конзорциумот „Бехтел и Енка“, не се однесуваат на тоа кој сѐ ќе биде дел од Надзорниот одбор којшто ќе ја надгледува изградбата на автопатиштата, ниту пак се однесуваат на кој било друг аспект од договорните односи меѓу државата и тие две приватни фирми“, потенцира претседателот.

Прочитајте и:  Влен: Претставници на ДУИ, СДСМ и Пендаровски во март се сретнале во Вила Водно за враќање на Груевски

Коментирајќи го актуелните случување во Судскиот совет, Пендаровски наведува дека состојбите во правосудниот систем јасно укажуваат дека во блиска иднина ќе биде нужно некаков тип на кадровско прочистување во правосудството.

„Се разбира, концептот треба добро да се осмисли и да се спроведе со експертска поддршка од ЕУ, затоа што се сомневам дека само со употреба на домашните ресурси можеме суштински да ја промениме состојбата во таа област“, смета претседателот на Републиката.

Оценувајќи го својот досегашен мандат на чело на државата, Пендаровски потсетува дека „во изминативе четири години имавме ситуации кои без сомнение излегуваа надвор од она што го нарекуваме рутинска или вообичаена политичка агенда и кои ја ставија на сериозен тест целата држава, пред се пандемијата со Ковид-19, кога неколкупати прогласуваше вонредна состојба затоа што Парламентот беше распуштен, а Владата во технички мандат“.

„Потоа, војната во Украина, каде што се вклучивме со активно помагање, како членка на НАТО, и се разбира, европската преговарачка рамка, која ја усвоивме во тензична атмосфера, но, со која ги заштитивме македонските национални интереси, идентитет и јазик и која ни овозможи после 17 години конечно да ги започнеме преговорите со ЕУ“, вели Пендаровски.

Сепак, според него, за неговата работа во изминатите години во вакви услови, конечниот збор треба да го кажат македонските граѓани.

„Јас можам само да кажам дека во рамките на моите надлежности најчесно и најискрено се вложив со сето свое знаење и умеење за да донесеме одлуки кои ќе бидат во интерес на сите наши граѓани“, додава шефот на државата.

Околу тоа дали планира да се кандидира за втор претседателски мандат, Пендаровски посочува сѐ уште рано за носење на таа одлука, со оглед на фактот што му преостанува уште без малку цела една година од мандатот, која, како што вели, сака да ја искористи максимално за работа во интерес на граѓаните.

„Уште и при првата моја кандидатура во 2014-та објаснував дека за вршењето на која било јавна функција е најмалку важно дали имате амбиции. Далеку поважно и на крајот пресудно е дали имате поддршка меѓу граѓаните, дали тие веруваат во дадениот збор дека тоа што го ветувате навистина и ќе го реализирате“, додава Пендаровски во интервјуто за „Фактор“.

МИА

- Реклама -