Дали шефот на државата Стево Пендаровски ќе се кандидира за втор мандат, ќе зависи од позитивната оценка на граѓаните за неговиот досегашен ангажман како Врховен командант на вооружените сили и претседател на државава, изјави тој во интервју за Македонското радио.
Оценката на граѓаните ќе биде единствениот одлучувачки фактор, без оглед на некаков негов евентуален мерак за одредена позиција.
„Моето натамошно ангажирање во политиката ќе зависи само од една работа. Не дали јас имам мерак да бидам на оваа позиција или на некоја друга, туку само од тоа дали мојот досегашен мандат и, здравје боже догодина целиот истеран мандат од пет години, ќе биде позитивно оценет од граѓаните. Ако граѓаните немаат позитивно мислење, пристојни бројки, проценти за ова што го правам изминативе четири и пол – пет години, тогаш секако нема да ме гледате во политиката“, додаде Пендаровски во интервјуто за Македонското радио.
Извор: МИА