Пекарската индустрија останува на одлуката да не испорачува леб, очекува поддршка од сите останати индустрии

Полиците во маркетите и остануваат без леб, бидејќи пекарите стојат на својата одлука од понеделникот за запирање на производството и испораката. Претставници од пекарската индустрија, за МИА, велат дека се подготвени за разговор со надлежните институции, но тогаш кога ќе добијат официјална покана, а не „повик“ или „апел“ преку прес-конференција.

Пекарите порачуваат дека никој не треба да очекува дека ќе има леб за 20 денари и се категорични дека цената не требало да се замрзне зашто тоа, како што велат, се коси со уставното право за слобода на пазарот. Според нив, не требало да се укине ниту субвенционираната струја, зашто мерката давала резултат и леб за 32 до 35 денари веќе имало во малопродажбата, зависно од квалитетот и грамажата.

Во оваа новонастаната ситуација, велат од пекарската индустрија, очекуваат поддршка од сите останати индустрии во земјава.

„Нашата одлуката останува во сила. И денеска нема да се ипорачува леб на пазарот. Се чека Владата да одлучи позитивно во однос на барањата на пекарите. Замрзнувањето на цената се коси со уставното право за слобода на пазарот. Очекуваме поддршка и од другите индустрии, од сите, зашто ако ова ѝ се случува на пекарската индустрија, може да им се случи и на нив“, рекол за МИА претставник од Групацијата на мелничко-пекарската индустрија.

дополнува дека субвенционираната струја ја исполни целта.

Прочитајте и:  Околу 30 автобуси возат низ Скопје, граѓаните револтирани, вонредни седници на Владата и на Советот на Град Скопје

„Повторуваме дека не беше потребно да се замрзне цената на лебот зашто веќе самата индустријата ја корегираше на 32 и 35 денари. Такви цени имаше на пазарот, се направи социјална цена за одредена категорија граѓани пред да се замрзне цената на лебот. Стоиме на ставот од понеделникот дека мерката на субвенционираната струја ја исполни целта, зашто од нејзиното стапување во сила цените се намалија. Очекувањата дека лебот ќе биде 20 денари не може да се исполнат и тоа едноставно нема да биде, но имаше леб од 32 и 35 денари зависно од квалитетот и грамажата. Во однос на ‘поканата’ за средба што ја упати министерот Крешник Бектеши, би му порачал дека пекарската индустрија е секогаш подготвена за разговор, но треба да биде фицијално поканета, со конкретно наведена тема за разговор, а не преку прес-конференција“, изјавил сопственик на една од поголемите мелници, за МИА.

Денеска втор ден во продавниците не се испорачува бел и полубел леб откако Владата завчера ја донесе одлуката да се замрзне цената на 33 денари. Причината за оваа мерка, како што објаснија премиерот Димитар Ковачевски и министрите за економија и за земјоделство – Крешник Бектеши и Љупчо Николовски, е неисполнувањето на договореното од страна на компаниите по испораката на субвенционираната струја, како и заштита на „џебот“ на граѓаните.

Извор: МИА

- Реклама -