Организаторите на Скопје филм фестивал го најавуваат 10-то издание од 16 до 25 март и информираат дека фестивалот ќе содржи главна програма во која ќе има 14 светски хитови и 10-тина од американската независна продукција. Покрај филмовите, Нина Персон од популарната група „Д Кардиганс“ ќе одржи работилница со американскиот композитор Натан Ларсон.
„Извор“ на Дарен Аронофски, „Марија Антоанета“ на Софија Копола, „Ѓаволот носи Прада“ на Дејвид Франкел, „Апокалипто“ на Мел Гибсон, „Холивудленд“ на Ален Кутер, „Црната Далија“ на Брајан де Палма се дел од насловите што ќе бидат на програмата на претстојниот Скопски филмски фестивал. Јубилејното, десетто издание ќе се одржи од 16 до 25 март, во кината „Милениум“ и „5 Стар синема“ во „Рамстор“. Целосната програма ќе биде објавена на 1 март.
Фестивалот ќе се одвива во неколку програми – главна програма, во која ќе влезат најдобрите филмови од минатата година, програмата на документарни филмови посветени на музиката, кратки и долгометражни анимирани филмови, избор на независни американски филмови и работилници.
Во Скопје ќе и дојде шведската пејачка Нина Персон од популарната група „Д Кардиганс“ која со американскиот композитор Натан Ларсон ќе одржи работилница на тема „Музиката во филмот“ . Ќе се одржат и работилници за анимации, кои ќе ги води Бил Плајмтон, кој двапати бил номиниран за „Оскар“ за краток филм. Ќе гостува и Џон Хасеј, од продукциската компанија за музички видеоспотови „Колонел Бимп“. Ќе биде претставена и дел од програмата на Единбуршкиот филмски фестивал, а гостинка ќе биде Аида Липера.