Павле Трајанов за „Дневник.bg“: ЕУ и ветото од Бугарија се дел од причините за изборниот пораз

Европската унија и ветото од Бугарија се дел од причините за изборниот пораз, изјави лидерот на Демократскиот сојуз – Павле Трајанов, за бугарскиот њуз портал „Дневник.бг“, коментирајќи ги причините за поразот на СДСМ на локалните избори, во статијата со наслов „Бугарија, Европа или „македонска салата“ – кој и што го сруши Заев“.

„Преспанскиот договор, договорот со Бугарија и ветото, кое покажа дека Западен Балкан нема перспективи. Европската унија ни ја тресна вратата точно пред изборите“, наведе Трајанов како дел од причините.

Зборувајќи за договорот со Бугарија, Трајанов го употреби изразот „заеднички корени“, според него, дел од документот.

Замолен да прецизира, поради тоа што во договорот пишува „заедничка историја“ а не „заеднички корени“, Трајанов појасни дека „Бугарија под заедничка историја подразбира дека Македонците се некаков дел од Бугарите“. Тоа, истакна Трајанов за „Дневник.бг“, е неприфатливо кај нас и „ги засили емоциите и патриотските чувства“, притоа рушејќи ја поддршката за Заев.

Прочитајте и:  Македонија и ЕУ потпишаа Договор за партнерство за безбедност и одбрана

„Изгубивме и поради лошата изборна кампања“, смета, исто така, Трајанов.

„Кампањата на СДСМ беше катастрофа – пример од учебниците како се губат избори. Заев рече: ако го изгубиме Скопје, ќе си поднесам оставка. Секој кој сакаше Заев да падне, гласаше против него. Имаше национални прашања и тие беа присутни во кампањата. Наместо да водиме кампања за градоначалници и советници, ние водевме кампања како ќе се движи државата отсега па натаму. Но државата не може да се движи, ако ни кажат: нема перспектива за Западен Балкан.

А зошто не може? Та ние дури си го сменивме и името, велат луѓето“, истакна Трајанов.

- Реклама -