Павел: Полесно ќе биде да се оправда влезот на Украина во ЕУ, отколку во НАТО

Чешкиот претседател Петр Павел, денеска, за време на неговата посета на Словачка, изјави дека полесно ќе биде да се оправда влезот на Украина во Европската унија – како економски, социјален и културен потег; отколку како воен – кога би била примена во НАТО.

„Многу земји се согласуваат дека Украина треба да биде поканета во западниот блок што е можно поскоро. Мислам дека членството на Украина или на која било земја во Европската унија може полесно да им се објасни на оние кои не го сакаат тоа како економски, социјален и културен чекор, а не воен. Сигурно е дека евентуалниот прием на Украина во ЕУ нема да предизвика толку многу контроверзии колку размислувањата за нејзиниот прием во НАТО“, изјави Павел за чешката новинска агенција ЦТК.

Како пензиониран генерал и поранешен шеф на Воениот комитет на НАТО, тој предупреди дека на Украина почнува да ѝ снемува муниција и оружје и дека е неопходно да ѝ се помогне со тоа што ѝ е потребно за успешна одбрана и, на крајот, за офанзива за да се обиде да ја поврати контролата врз нејзината територија и граници.

Прочитајте и:  Украина: Новата хиперсонична руска ракета развила брзина поголема од 11 маха (речиси 3.8 километри во секунда)

„Пред сè, тоа се оклопни борбени возила, противвоздушна и противракетна одбрана, бидејќи гледаме како масовните напади врз цивилната инфраструктура имаат за цел да ја парализираат Украина и колку човечки животи и материјални жртви одземаат“, рече Павел.

За разлика од Русија, која има сопствено производство, иако може да има логистички проблем да испорача муниција на фронтот, Украина нема способност да произведува муниција, а ѝ требаат околу 10.000 артилериски гранати дневно, додаде тој.

„Материјалната и финансиската помош е единственото нешто што може да го одржи моралот на украинските војници, но и на украинската јавност, кој во моментов е многу висок. Неопходно е да им се објасни на чешките граѓани дека помошта за Украина е неопходна. Доколку нашите граѓани не го гледаат значењето на помошта за Украина, ако не сфатат дека ние самите си помагаме, тогаш ќе биде тешко да се одржи ова темпо на помош“, порача чешкиот претседател.

Извор: МИА

- Реклама -