За фудбалските фанови ова е период на трансфери. За вљубениците во тенисот, ова е период на Вимблдон. Но за една помала група спортски манијаци, ова е време единствено за Тур Д’ Франс.
Да завршиш прв на целта на ова престижно натпреварување, макар и во една од етапите, е неверојатно чувство, особено кога ќе погледнеш назад кон километрите што си ги поминал. Тоа може да го потврди и 23-годишниот Французин Лилијан Калмежан, кој победи на осмата етапа – од Доле до Стасион де Русе, а во својот прв дебитантски настап на Тур Д’ Франс. Нема сомнение дека Калмежан цел живот ќе ги памети овие 187.5 километри, иако допрва го чекаат уште многу до крајот на турата.
Но гледано наназад, Тур Д’ Франс има страшно долга километража, дури и пред да стане тоа што го знаеме денес. А со тоа и многу интересна. Не беше многу одамна, на пример, кога беше сосема нормално велосипедист да застане за да испуши една цигара.