Вашето семејство од неодамна има нов член и многу нешта се променети. Голем број родители сметаат дека патувањето или одењето на одмор со бебе се невозможни, но ние ви нудиме неколку едноставни совети со кои тоа искуство ќе го направите навистина пријатно.
Од која возраст бебето може да патува?
Од здравствен аспект, бебињата можат да патуваат веднаш по раѓањето, иако тоа претставува огромен предизвик за родителите, бидејќи им е потребна посебна грижа и многу внимание. За патувањето да не стане непријатно, препорачливо е бебињата да бидат стари најмалку две седмици. Откако ќе започнат да се движат, тогаш патувањето станува малку посложено, но сепак изводливо.
Совети за безбедност
Грижете се за своето бебе исто како да сте дома. Преземете ги сите заштитни мерки, за тоа да биде безбедно:
Затемнете ги автомобилските стакла со специјалните „завеси“ кои ќе ги заштитат кожата и очите на бебето од сончевата светлина.
Проверете двапати дали седиштето за бебето е правилно инсталирано и прицврстено.
Покрај облеката и препаратите за нега, спакувајте и комплет лекови, за секое можно сценарио.
Доколку летате, нахранете го своето бебе пред полетувањето и веднаш по слетувањето, за да го заштитите од болки во ушите.
Совети за хранење
Доењето при патување е секогаш наједноставна опција, бидејќи нема потреба од носење опрема.
Ако го храните вашето бебе со млечна формула, можете да купите помали пакувања за патување или пак однапред приготвена формула во повеќето аптеки.
Стерилизирањето на шишето бара малку поголема организација, но за патување секако можете да купите неколку стерилизирани шишиња од аптека.
Доколку пак вашето бебе веќе јаде цврста храна, тогаш понесете си мали теглички за патувањето, но добро проверете дали тие се соодветно затворени.
Што да спакувате?
Задолжително направете место во автомобилот за количката на вашето бебе. Тоа ќе ви го олесни шетањето, а воедно ќе му обезбеди соодветна заштита од сонце на најмладиот член на семејството.
Понесете ги чаршафот и покривката кои ги користите дома. Познатиот мирис може да му помогне на бебето да се приспособи на новата средина.
Понесете дел од омилените играчки и книги на бебето.
Нормално, проверете да не сте заборавиле нешто од стандардната „бебешка опрема“: пелени, влажни марамчиња, крем против иритации, душек за пресоблекување, хартиени марамчиња, комплет лекови, по неколку парчиња облека за секој ден додека патувате и играчки.
Како бебето да биде среќно?
Прво и основно, потребно е и вие и вашето бебе да бидете одморени и свежи пред да тргнете на патување. На тој начин нема да се иритирате или вознемирувате. Понесете дел од старите играчки, но купете и нешто ново, за да го занимава бебето. Секогаш кога можете, сменете му го погледот (ако сте во автомобил, преместете го на спротивната страна; ако сте во авион, прошетајте со него напред-назад). На крајот, иако тоа веројатно ќе значи многу почесто пресоблекување, погрижете се вашето бебе да пие многу течности, бидејќи најмладите многу лесно можат да дехидрираат при патување.
Текстот е објавен во соработка со Iguana.mk