Во рамки на посетата на Вашингтон САД, претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Христијан Мицкоски остварил повеќе средби и состаноци, меѓу кои продуктивна и пријателска средба со конгресменот Брендaн Бојл, соопштија од владината прес-служба.
– Разговараа за приоритетите на НАТО алијансата и важноста да се зачува демократијата и мирот. На средбата се промовираа економските можности и потенцијали кои ги нуди државата, како и одлучната битка против корупцијата и криминалот што е и клучна определба на новата влада, се наведува во соопштението.
Премиерот Мицкоски имал и работна средба со претседателката на NDI, Тамара Кофман Витес, со која разговарале за демократските процеси во државата.
– Еден од најакутните проблеми е корупцијата за што како нова Влада работиме интензивно за нејзино искоренување, што подразбира и одговорност за престапниците на законот. Очекувањата на граѓаните не смееме да ги изневериме, да работиме на воспоставување на механизми каде граѓанинот ќе биде заштитен исто како и неговите интереси. Завршува времето на лаги, неспособност и не работа. Почнува време на реформи, инвестиции, дигитална трансформација. Мораме да дадеме добар пример за сите во изнаоѓање на пат до подобар животен стандард и сигурна држава која припаѓа на сите граѓани, подвлекол на средбата Мицкоски.
Тој остварил средба и со поранешниот амбасадор на САД во земјава Филип Рикер, на која се разговарало за предизвиците со кои се соочува државата, како и поддршката која е потребна за остварување на стратешките интереси.
Мицкоски разговарал и за потенцијалот што го нуди регионот за економска и политичка соработка.
– Мораме да ја менуваме реалноста и подобруваме животот на граѓаните, посочил Мицкоски, се додава во соопштението.