Во месец јуни, на добропознатиот терен во Влае, оваа година освежен со нов дизајн на артистот Сатја Грабулоски, се одржа второто издание на Red Bull Half Court во Скопје.
Во финалето се сретнаа екипите на Sinatra и Butel 3x. После крајно неизвесен натпревар, тимот на Butel 3×3 беше прогласен за нов национален Red Bull Half Court победник и патник на Светското финале во Њујорк, Америка кое треба да се одржи во октомври 2024 година.
Во конкуренција од 16 екипи, тимот на Butel 3×3 со тројка во последните секунди од финалето успеа да победи на второто национално издание на Red Bull Half Court и со тоа си обезбеди карта за Светското финале.
Но, пред да одлета екипата на Butel 3×3 накај Њујорк, се случи интервјуто со Тино, член на екипата на Butel 3×3 кој во името на целиот тим се потруди да го прераскаже и раскаже нивниот настап на овогодинешното издание на Red Bull Half Court во Скопје.
- Откако стивнаа импресиите од победата на Red Bull Half Court во Скопје, кои се вашите ТОП 3 моменти од овогодинешното издание на Red Bull Half Court во Скопје?
[Tино] Дефинитивно бр. 1 момент беше тројката на Лука Стојановски во последните секунди од финалето, буквално ја гледав топката во успорен филм како патува накај кошот. Искрено, нереална сцена.
Втор момент е појавата на еден наш играч, кој беше повреден и дојде со штаки да нè бодри. Без неговото присуство, тешко дека ќе успеевме да победиме.
И, на крај, бр. 3 момент беше самата победа во финалето и таа неповторлива и уникатна среќа која траеше уште долго после завршувањето на турнирот. Момент кој ќе се памети!
- Кои се членовите на Butel 3×3? Од кога постои тимот? Дали сте во ист состав од почеток или?
[Tино] Jaс и Стефан Цариќ сме единствени активни членови на Butel 3×3 уште од неговото оформување, а во изминатиов период ни се приклучија и Максим Митевски, Баже Димитриев, Лука Стојановски и Милан Милков. Секој од нас ротира во тимот, што дополнително придонесува за тоа секој од нас да го дава својот максимум.
- Како се подготвувавте за Red Bull Half Court? Дали можеби има некоја тајна “состојка”?
[Tино] За оние што не знаат, сите членови на Butel 3×3 тренираaт и играат професионална кошарка, па така после завршувањето на сезоната одма се префрливме на тренирање 3×3 баскет со играње натпревари помеѓу нас и со други екипи.
Искрено, немавме некоја посебна подготовка, но имаме тајна состојка за успех! Тоа е хемијата која постои помеѓу нас, нешто што овој тим го прави да се однесува и делува како фамилија.
- Што е планот за Светското финале во октомври во Њујорк?
[Tино] Нашата примарна цел е да ја претставиме Македонија во најдобро можно светло на Светското во Њујорк и да направиме уште едно чудо, овојпат на глобално ниво. Дефинитивно сонот на секој од нас!
Наша задача е да им посакаме многу среќа на дечките од Butel 3×3 на нивниот настап на Светското финале на Red Bull Half Court во Њујорк, кое ќе се случи во октомври 2024 година.
За сите дополнителни информации поврзани со Butel 3×3 и турнирот Red Bull Half Court, следете ја официјалната страна на Red Bull Македонија.