Природата и човекот – човекот и природата. Величествена врска.
Преку овој прекрасен простор низ кој води мојот пат, се чувствувам како вечен следбеник на сонцето и месечината, како значаен сведок за убавината исткаена од флора, фауна и фолклорно наследство, се запознавам со окружувањето, а дел од него останува тајна за мене и мојата љубопитност.
Секогаш наидувам на топло „добредојде“, на качамак и кисело млеко, пријателски муабет. Да ти е мерак да ги слушнеш планинските легенди и митови од устатаа на селаните, нивните доживувања во овие краеви во кои е вгнездена чудесна питомина.
Седејќи крст нозе со своите домаќини, насекаде каде стапнав, се изнаслушав прекрасни легенди кои ја заскокоткаа мојата фантазија. Насекаде може да се почувствува силна посветеност кон Господ и неговата небесна моќ оти тука единствено црквите и џамиите нуделе спокој за сето она што било надвиснато над просторот како тенка црта на разграничувањата меѓу имагинацијата и реалноста.
Чекор по чекор, движејќи се по козјите патеки од село Нистрово кон село Жужње, ми се отвори величествен поглед кон Корабска врата.
Таа е пред моиве очи со остро засечениот премин на планинските ‘рбети помеѓу два камени заба кои со своите прави, длабоко исцртани жлебови необично потсетуваат на игли кои го привлекуваат окото на вљубеникот на природните чуда и убавини. Убеден сум дека тој што само еднаш ќе ја почувствува оваа раскош, ќе посака барем уште еднаш да им се наврати на овие магични простори. Посебно тука, пред глацијалниот амфитеатар на изворот на Длабока река над кој се вишат двата врвови – Кабаш (2.395 м.) Рибнички камен, обележувајќи го јужниот дел од реката.
Изолирани од највисокиот планински врв Кораб, создавани од шкрилци – разнобојни под небесното синило и варовничките карпи, во ниту еден миг од денот нема да ве остават рамнодушни исполнувајќи ја вашата душа и разигрувајќи ги вашите чувства. Посакувам токму оттука да ја доживувам глетката кон највисокиот водопад во Македонија од 138 метри. Навистина немам зборови да го опишам сето тоа!
Погледот кон Рибнички камен, делува импресивно. Под дејство на глацијална ерозија, гордо се накренал осамен во прегратките на Кораб. Величествено раскошен поглед врз просторот кој нуди импровизација од ископини од некоја античка населба. Од спротива, спуштената камена завеса од под Кобилино Поле висока околу 800 метри на чие што дно се брануваат немирните води на Длабока Река кои создаваат амфитеатар од мразулци во зимскиот период е можеби највеличествениот дел од овој простор. Оваа глетка силно ги разигрува чувствата, ја исполнува душата со задоволство и визуелна почит.
Токму овде, помеѓу двете водни дотоки, Габровскиот поток и Длабока река, е вгнездено селото Жужње. Во него живееле и опстојувале 18 – тина семејства. Дури и раселени, тие не можат без својот роден крај. А тој, силно копнее да му се вратат. Едноставно, така било од дамнина – така и ќе остане. Тие како да не можат да си се замислат еден без другите. Живот исткаен со бројни митови и легенди кои ртеле во главите на планинците наследени од искуствата со суровоста на животот наметнат од дивината. Многу гурбетчии раселени по целиот свет. Тажно како и на многу други места од Македонија.
Многупати посакувам да останам под Рамни ливади, по течението на реката, да го почувствувам допирот на пенливите води со карпите како вечен судир на титани, да ги милувам дотоците на планинските реки и потоци кои се моќниот говор на планината. Овие зборови ги искажале планинците родени и растени на овие простори. И сите тие епитети се вткаени во фолклорот кој далеку се слуша. Овој простор во горното течение на Длабока река покриен со густи чамови и букови шуми е достоен за секоја почит. Дивината со која сум окружен, со тивката изолираност од бурната градска врева, непристапноста неприкосновена за Подкорабјето.
За мене, амбиентот е препознатлив во сите годишни вртемиња. На зимa, студен простор исполнет со мразни реки, лавини кои демнат жртви, на пролет и во лето блика живот, есента е колоратура на виножито. Величенствено! Повторно и повторно ме привлекува и јас му се враќам назад.
Среде село, накренат горд пиедестал над Длабока река. Таму се накрева црква, божјо светилиште под високиот небесен свод. Сите планинци од селото, но и оние од соседството, знаат за неа. Но таа е воедно и богатството што треба да се слушне многу подалеку, да допре до сетилата на одговорните и овластени лица кои постојано истражуваат слични вредности. Овој планински глас треба да допре до нив во секој случај.
Мештанинот Гафур придружуван од домашните и неговите пријатели од селото, ме води кон карпестиот раб распространет од спротивната страна. Најпосле, стасавме. Немо стојам пред чудесното светилиште на кое забот на времето не можел да му напакости до мерка на исчезнување. На широката ливада под шумата, така ми објаснуваат, се гробишта од римско време. Претпоставка е дека токму овде, некогаш се наоѓал контролен пункт на римската пешадија која се грижела за безбедноста на трансферзалата Виа Игнација.
На средина од ливадата, надгробни споменици со сочувани обележја. До самата црква православни, во средината муслимански и на крајот римските гробови.
Овој свет храм познат по своето свето име Света Варвара, е повод за приказната што ја слушнав од Гафур и мештаните. Тоа е приказната за Крсте Нашинецот.
Се прашувам со колкава волја и упорност, нејмарите изградиле светилиште за почит. На оваа карпа која доминира со просторот, никнала црква во далечната 1856 година под ктиторска грижа на семјството Константиновичи, гурбетчии од Влашко или денешна република Романија.
Да се пречекорат само две скалила од клесан камен и ние сме на прагот од влезот во црквата. Стојам простум пред гробот на Крсте Нашинецот положен пред влезната порта. Се гледа дека е добро одржуван од страна на селаните од Жужње. И така, ја слушам тажната приказна онака како што преде бистрата планинска вода на Длабока река и ја раскажува својата приказна за судбините на планинците носени по светот за корка леб, секогаш опседнати со мислите за своето враќање во родниот крај, во дивината со која собитувале.
Роден е како прво и единствено дете во семејството на Софре Јаќимоски во 1892 година. Таткото бил на гурбет во „пусто“ Влашко и таму го добил аберот за новородениот син. Но времињата, состојбите, далечината и несигурните патишта, го спречиле да ја подели радоста со своите најблиски.
При првото доаѓање во родниот крај во далечната 1903 година, таткото Софре го зема со себе на печалба. На заминување, очињата на детенцето се вкопани во заштитничката Света Варвара. Таа го испратила во далечниот непознат свет. Изложен на бројни искушенија, оставен сам на себе по брзата смрт на неговиот татко Софре, Крсте се прибира во семејството Константиновичи. Бурите во животот и тагата кон родниот крај, се дел од неговото патешествие. Како млад и снажен планинец, се вљубил во прекрасна влаинка по име Марија. Како влог во пресметката со првиот пеливан од местото, девојката вџашено го очекува исходот од борбата. Иако Крсте победил во таа борба, љубовта од нејзина страна не му е возвратена, а самотијата и разочараноста го носат во еден манастир каде целосно му се посветува на Господ.
Годините по втората светска војна носат нови искушенија. Романските власти расчистуваат со религијата и ги протеруваат свештените лица. Во 1954 година, Крсте се враќа во татковината после долго талкање по светот. Тој е повторно во прегратка со својот роден крај, старите пријатели и Света Варвара, во седелото од кое се вивнал кон светот полн со очекувања и надежи.
Мајка му е сеуште жива и таа го пречекува синот во нивната трошна куќичка. Кутрата, живеела во мошне сурови услови но полна со надеж дека Крсте ќе и се врати. Во шеесеттите години, таа починува, а домот изеден од забот на времето, се урива. За сето ова време, Крсте и е целосно посветен на Света Варвара.
Црквата ширум ги отвора своите порти, а малку потоа во еден студен февруари, Крсте и се придружува на мајка си. Духовникот умира на 12 февруари во светиот храм, Света Варвара.
Делот во црквата, каде Крсте Нашинецот ги поминал последните мигови од својот живот..
Но, аманетот е оставен. Неговите пријатели Албанци последните жители на Жужње, го испочитуваат и го погребуваат пред влезната порта од црквата.
Се разбира, низ долгата историја на постоењето на овој величествен божји храм, во својата божествена архива, го чува ПОСЛАНИЕТО за суштината и целта на нејзиниот молитвен разговор со луѓето од ова далечно планинско село.
Нека ни биде дозволено да го пренесеме во целост:
4 декември/17 декемвриСветата великомаченица Варвара
Таткото на оваа славна Христова последователка која од раните години станала негова невеста по име Диоскор, бил познат по положајот и богатството во градот Илиопол Египетски, а по вера бил безбожец. Својата ќерка единица, мудра по ум и убава на лице, ја затворил во висока кула, ја окружил со сите удобности и дал слугинка да ја служи, поставил идоли за поклонување и соѕидал бања со два прозорци. Наблудувајќи ја од прозорецот на кулата, земјата долу и ѕвездите на небото, на Варвара и се отворил умот со благодат Божја и на тој начин таа го запознала вистинскиот и единствен Бог Творец иако немала никој од луѓето за тоа. А кога еднаш нејзиниот татко се оддалечил од градот, таа излегла од кулата и по Божја промисла се сретнала со некои христијанки кои и ја објасниле вистината за Христосовата вера. Срцето на Варвара се разгорело од љубов кон Христа Господа. Таа наредила да се отвори и трет прозорец на бањата. Трите прозорци биле симбол на Светата Троица; на еден камен во бањата нацртала со прстот крст и тој се вклесал во каменот врежан како со железо; од нејзината стапалка на подот, пчотекол извор со вода која подоцна ги исцелила луѓето од болести. Кога Диоскор дознал за верата на својата ќерка, сурово ја претепал, ја избркал од кулата, а потоа сакал и да ја убие. Една карпа се расцепила и ја сокрила Варвара од гневот на нејзиниот татко. Кога таа повторно се појавила, Диоскор ја одвел кај началникот Мартијан на кого му ја предал за да ја измачува. Невината Варвара ја соблекле и ја камшикувале се додека нејзиното тело не било прекриено со крвави рани. Во затворот и се јавил Господ со ангелите и ја исцелил. Кога го видела тоа жена по име Јулијана и таа посакала мачеништво. Двете биле страшно мачени и разнесувани низ градот. Џелатите им ги отсекле градите од кои течеле бразди крв. Најпосле ги извеле на губилиштето каде што самиот татко си ја заклал ќерката, а Јулијана ја убиле војниците. Истиот ден, во куќата на Диоскор удрил гром и ги убил него и Мартијан. Света Варвара пострадала во 306 година. Нејзините чудотворни мошти се наоѓаат во Киев. Прославена во Христовото царство, таа многу пати се јавувала до денешни дни, понекогаш сама, , а понекогаш придружувана од Пресвета Богородица…
17 години потоа…
Убав септемвриски ден. Повторно на просторот што опива и ве прави да бидете зависник од волшебните убавини на природата која се впива во вас и вашите сетива и ве исполнува со прекрасна енергија.
Втренчено гледам од височината од Петревите ливади и се прашувам кој период од годината повеќе ја исполнува мојата душа.
Пролет во мај под Рибнички камен низ козјите патеки на Рибничка скала кон водопадот на Длабока река или високо по сртот на Коњска глава?
Раскошен зимски пејсаж низ кањонот на Длабока река веднаш под Кобилино поле и како со нож пресечени карпи како џиновски мразулци низ кои се провлекува водата, распенавена и гневна во својот пад на дното. Наоколу вистински амфитеатар од мразулци создавани од ветерот кој со својот моќен здив постојано ги бруси и дотерува создавајќи чудесни фигури. Но тука се и таинствените тонови кои се создаваат со заедничката фонија на ветерот и мразулците кои како да раскажуваат вековни приказни разнесувани на сите страни од просторот.
Често се присетувам на летниот августовски спокој кога повторно се дружев со природата и за мене веќе добро познатата природна чудесија. Седам пред влезот на Света Варвара со погледот втренчен кон Кораб и се восхитувам од убавината на сончевиот заод таму некаде на допирот со Рибнички камен кој трае кратко за потоа насмеаната сончева става да продолжи кон острите заби на Цигански премин. Не дека Кораб е мал горостас и дека со својот габарит може да го покрие насмеаниот лик на сонцето но ете, така било од век векова, тоа да си ги прибере своите зраци и да му се препушти на сонот зад неговиот стрмен грб. На зајдисонцето, мислата запира, тоне и заспива заедно со природата.
Денес, после 17 години, имам убава средба со Перо Груноски, Гаврил Танчевски од Жужње, Панајот Ноте Филиповски и со синот Томче на покојниот Владо Танчевски, близнакот на Гавро. Сеќавањата веднаш заживуваат бидејќи истата екипа учествуваше во препокривањето на Света Варвара и останатите поправки на оштетените делови.
Знам дека нивната замисла за овие активности имала благородни цели. Љубов кон селото, верата и природата. Обврска кон самите себе си и кон Бога. Посебно сакаат да им се заблагодарат на соселаните Албанци Гафур, Садредин, Гарип и другите кои подеднакво се грижеле за овој свет храм и сесрдно помагале во неговата обнова. Голема благодарност и за лимарските активности и вложениот труд на гостиварскиот верник Страхил Сиљаноски, син на професорот и богобожец Милош Сиљаноски од Гостивар.
Посакав да разберам во што е моќта на Света Варвара да ги привлекува луѓето од различни конфесии кои искрено и ја оддаваат својата почит и одговорот веднаш изрте во мојата глава. Гороломните карпести планини околу црквата, како да го презеле амбиентот од местото на кое била подигната кулата на заточеништво на убавицата, ќерката единка на богатиот трговец.
Долу, на самото место на збогување со овој раскошен предел, мојот поглед остана долго втренчен во црквата Света Варвара и јас повторно бев принуден да си ветам дека повторно ќе и се вратам. Секако, на одговорните од министерството и на сите почитувачи на сите наши вредности кои потекнуваат од далечното и бурно минато и кои се нашата традиција, нашето духовно богатство и нашата вечност, им порачувам да „фрлат“ еден поглед врз гороломот среде кој гордо стои сведокот на времето и верата, црквата Света Варвара во село Жужње.
ДУШКО ШАРЕВСКИфото/илустрација: ©Gostivarpress.mkЛето Господово 2024