Последици од пасивното пушење

Штетното влијание што го имаат цигарите врз пушачите е познато веќе долго време, но што се случува со оние во опкружувањето? Какви последици имаат пасивните пушачи?

Рак на бели дробови

Се знае дека пушењето предизвикува рак на бели дробови кај пушачите. Но ракот може да се појави и кај непушачи како резултат на вдишениот чад кој содржи повеќе од 4.000 супстанции а многу од овие супстанции се канцерогени. Секоја година, повеќе од 3.000 непушачи умираат од рак на бели дробови предизвикан од пасивно вдишен чад од цигари.

Други видови рак

Ракот на грлото на матката и ракот на мочниот меур се јавуваат многу почесто кај луѓе кои биле изложени на чад од цигари. Иако луѓето веднаш помислуваат на рак на белите дробови кога се зборува за рак предзивикан од цигари, постојат и други видови на рак кои се јавуваат како кај активните така и кај пасивните пушачи.

Заболувања на срцето

Познато е дека цигарите предизвикуваат заболувања на срцето како што е артериосклерозата или „стврднување на артериите“. Пушењето е поврзано и со хипертензија која исто така доведува до заболување на срцето. Вдишувањето на штетните материи од чадот доведува до создавање на плак во артериите кои го снабдуваат срцето со крв и кислород. Кога срцето нема доволно кислород може да дојде до срцев удар (инфаркт). Кај луѓето кои не пушат, а се изложени на чад, исто така постои голем ризик од срцеви заболувања. Постојаното изложување на чад го зголемува ризикот од инфаркт речиси за два пати.

Мозочен удар

Кога се блокирани крвните садови кои го снабдуваат мозокот со кислород, доаѓа до мозочен удар. Кога до мозокот не доаѓа кислород, делот којшто е погоден ќе престане да функционира. Во зависност од тоа каде се случило оштетувањето, постојат различни последици кај луѓето кои претрпеле мозочен удар, како на пример: слабост или парализа на еден дел од телото, проблеми со видот, пореметувања во одењето и рамнотежата и потешкотии при голтање или зборување. Мозочните удари можат да предизвикаат смрт или доживотен инвалидитет. Кај луѓето кои постојано се изложени на чад, постои поголем ризик од мозочен удар.

Болести на белите дробови

Директно поврзани со изложувањето на чад од цигари се астмата, хроничниот бронхитис и честите настинки. Луѓето со овие состојби кои живеат со пушачи или работат во средина во која се пуши, се повеќе склони на влошување на болеста. Емфизем е неизлечлива состојба која ги погодува белите дробови и се јавува кај луѓе што се постојано изложени на чад од цигари како и кај активните пушачи. Оваа болест предизвикува уништување на алвеолите во белите дробови и за неа не постои лек. Со уништување на алвеолите, воздухот останува заробен во белите дробови. Тие што ја имаат оваа болест претрпуваат потешкотии во дишењето (недостаток на воздух – диспнеа) што постепено се влошуваат.

Синдром на ненадејна смрт

Синдромот на ненадејна смрт кај децата или познат како смрт во колевка, е многу почест кај деца кои се изложени на чад од цигари. Всушност, кога експертите го измериле нивото на никотин во белите дробови на деца кои починале на ваков начин, утврдиле дека тоа е многу повисоко кај деца кои пасивно го вдишуваат чадот од цигарите. Ризикот од ваква смрт е за два пати поголем кај деца чии мајки се пушачи.

Ушни инфекции

Ушните инфекции се почести кај деца кои живеат во домови во кои еден или двајцата родители се пушачи. Изложувањето на чад може да предизвика зголемување на течноста во средното уво. Децата на пушачите се многу почесто хоспитализирани поради ушни инфекции и почесто имаат потреба од вметнување на цевчиња во ушите (миринготомија) отколку децата кои не живеат со пушачи. Постојаните инфекции на средното уво можат да доведат до трајно губење на слухот.

Отежнато дишење

Кај децата кои живеат со пушачи може да се развие астма, да се зачести појавата на инфекции на белите дробови и самите деца да станат посклони на ангина. Кога ќе ги развијат овие болести, децата се многу поотпорни на лековите и треба повеќе време за да оздрават. Пасивното пушење се поврзува со мало но многу значајно намалување на општиот белодробен капацитет.

Мала тежина

Бебињата родени од мајки кои се пушачи или пак кои живеат со пушачи често се раѓаат со помала тежина. Ова е поради тоа што пушењето, без разлика дали активно од мајката или пасивно од детето, го намалува количеството на кислород и хранливи состојки кои доаѓаат до бебето преку плацентата. Според многу истражувања, бебето може да биде со помал мозок, помала глава или целосно помала тежина. Фактот дека цигарите ја намалуваат тежината што бебето ја има при раѓањето е познат веќе долго време па затоа мајките се охрабруваат да ги остават цигарите пред да забременат.

Децата на пушачи честопати и самите стануваат пушачи

Постојат големи шанси децата кои растат со пушачи да ја развијат и самите оваа навика. Ова е уште една причина да се остават цигарите и да се спречи пасивното пушење.Чадот од цигарите содржи многу хемиски супстанции кои се штетни за вашето здравје. За да го намалите ризикот од овие опасности, погрижете се во вашиот дом да не се пуши цигари. Ако живеете со пушач, замолете го да запали цигара надвор. Со намалување на изложеноста на чад го намалувате ризикот од рак, срцеви заболувања, белодробни заболувања и мозочен удар. Зачувајте го здравјето на вашите деца со тоа што ќе им обезбедите околина без чад од цигари и со тоа што ќе разговарате со нив за опасностите од пушењето.

Објавено во соработка со За Здравје.

- Реклама -