Префектот на полицијата на Париз утрово соопшти дека ќе ги забрани „конвоите за слобода“ во француската престолнина, инспирирани од движењето започнато во Канада во знак на протест против здравствените ограничувања.
„Префектурата ќе постави конкретни мерки (…) за да се спречи блокирање на патиштата, казнување и апсење на прекршителите на оваа забрана“, се вели во соопштението, пренесува МИА.
Забраната следува откако возачи на камиони, многумина од нив веејќи канадски знамиња, се собраа во неколку градови и се упатија кон Париз најавувајќи блокада на францускиот главен град, а потоа и заминување за Брисел.
Камионџиите протестираат против потврдите за вакцинација и рестриктивните мерки со кои на невакцинираните лица им се забранува да посетуваат одредени јавни места.
Од Ница заминаа околу 200 возачи. Неколку стотици се собраа и во близина на шпанската граница во градот Перпињан, пренесе МИА.