Сите производители кои ќе учествуваат на парискиот автосалон подготвуваат одредени и технолошки изнеандувања, а според најавите и од Lexus нема да останат „покуси“.
Инспирирани од пајаците, тие ќе лансираат концептни ергономски седишта за своите автомобили. Материјалот од кој е создадена оваа мрежа се нарекува QMONOS и е развиен од Spiber и навистина е слична на тенка и многу здрава нишка, како на пајаците, но е целосно синтетичка и развиена без нарушување на животната средина. Позитивните елементи на овој развој се многу – значително подобрена удобност, ергономија и стабилност, а апсорбирањето на вибрации е на завидно рамниште. Конструкцијата на седиштето од своја страна значително ја намалува тежината и соодветно го подобрува комфорот. Како што знаеме еден од важните трендовски сегменти во светската автомобилска индустрија е значителното намалување на килограмите на возилата, па ова е начинот на кој тоа го прави Lexus.
Да споменеме и тоа дека иновација во седиштата е кинетичката конструкција, која е инспирирана целосно од човечкото тело. Хоризонталниот и вертикалниот дел се во согласност со страничните сили кои влијаат на нашето тело при движење во автомобилите и седиштата се движат многу природно со него, а тоа го задржува комфорот и концентрацијата за време на управувањето. Повеќе детали по претставувањето во Париз.