Отворената верзија на супер автомобилот LaFerrari на Ferrari дебитира на салонот во Париз под називот Aperta. Кабриолетот ќе се нуди со карбонски хардтоп или со мек покрив.
Aperta донесува со себе во однос на стандардната изведба покрута суспензија и доработка на подвозјето, а целта била отворената изведба да има истото однесување и карактеристики како покриената верзија на LaFerrari. Во однос на погонот нема промени – тука е присутен веќе познатиот хибриден систем со вкупна моќност од 953 коњски сили. Тој е составен од 6,3-литарски V12 бензински мотор, електромотор, пакет литиум-јонски батерии и 7-брзински автоматски менувач со две спојки.
Според некои информации целата производна серија на Aperta е веќе продадена. Станува збор за 200 автомобили со многу сериозна цена – 2,1 милиони долари.