Парична казна за кумановскиот градоначалник поради непочитување на протоколите

Кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски и уште едно лице од општинскиот кризен штаб, ќе добијат парична казна оти при изречена мерка за изолација тргнале да се тестираат во Скопје. Тие смееле да го напуштат домот исклучиво при влошено здравје и по потреба да се транспортираат до инфективно одделение, но на матичните лекари ниту еднаш не им се пожалиле за здравствента состојба.

Инспекторите кои при вонреден надзор ја провериле патеката на движење на Димитриевски утврдиле дека тој добил упат од општата кумановска болница за ренген на белите дробови и за лабораториски анализи во Клиниката за инфективни болести во Скопје. Со еден телефонски повик во скопската инфективна клиника, инспекторите откриле дека тој не се појавил таму на преглед.

„Направен е прекршок непостапување по решение, односно истите го напуштаат местото на престој. Тоа е казниво, ќе се изрече прекршок по Закон за заштита на население од заразни болести, истото изнесува парична казна од 300 до 600 евра во денарска противвредност. Вториот прекршок што е нотиран е неправилна евиденција во службата за итна медицинска помош. Таму секако како и за постапување на докторите од Инфективното одделение во Куманово веќе е во тек вонреден стручен надзор“, рече Иринка Сотирова Бухова – директорка на ДСЗИ.

Следејќи ја патеката каде всушност патувал Димитриевски, инспекторите направиле увид во болницата на Жан Митрев и во лабораторијата Биотек и Систина. Еден од резултатите укажал на постоење на антитела на вирусот кај пациентот. Кумановскиот градоначалник и покрај негативниот резултат на приватните клиники, не може да биде заведен како излекуван пациент поради преуранетите тестирања.

Сотирова – Бухова објасни дека за излекувани се сметаат само оние пациенти кои по истекот на 14 – дневна изолација ќе добијат два последователни негативни резултати. И за тоа Димитриевски немал потреба да оди на клиники, оти службите доаѓаат до дома за тестирање на пациенти. Инспекторатот утврдил и серија пропусти кај локалните здравствени центри. Стручните служби во Куманово на своја рака го прогласиле тестирањето на општинскиот кризен штаб за скрининг. Не се спровела ниту епидемиолошка анкета врз тестираните членови.

„Брисевите се земани во просториите на општина Куманово, што е сосема спротивно од протоколите. Брисеви на лица со индикација исклучиво се земаат во простории на овластениот центар за јавно за здравје. Досега имаме два прекршока дека брисевите се земени како скрининг без епдемиолошка анкета шо е спротивно на член 27 од Закон за заразни болести кој вика скрининг не може да се изведе без дозвола од министер. Вториот прекршок е нотиран заради земање на брисеви во несадекватен простор. Секој пункт мора да добие претходно дозвола од министерството за здравство“, вели Бухова.

Од Државниот санитарен и здравствен инспекторат велат дека покрај двата инспекциски, побаран е и вонреден стручен надзор за здравствените центри во Куманово. Димитриевски кој пречека владина делегација од технички премиер и тројца министри пред единаесет дена, ден подоцна доби позитивен резултат на Ковид 19. Тој се бранеше дека не ги поканил владините претставници на посета, а мислел оти по службена должност се информирани дека е тестиран.

Поради овој настан оттогаш во изолација се вицепремиерот Олвиер Спасовски, како и министрите Венко Филипче, Бујар Османи и Арбр Адеми кои го посетија Куманово. Владините претставници иако негативни на коронавиурсот, остануваат во домашна изолација, а Димитриевски по добиените резултати од приватните клиники дека веќе е негативен, секојдневно бара да се врати на работа.

- Реклама -