Бугарија прави грешка со тоа што го блокира патот на Северна Македонија кон ЕУ, смета порашениот амбасадор на САД во Бугарија и еден од иницијаторите (т.н. „олеснувач“) на Охридскиот рамковен договор – Џејмс Пардју.
Во интервју за бугарската редакција на „Дојче веле“, Пардју, како добар познавач на Балканот, вели дека ги следи случувањата и потенцира дека се чувствува близок како до Бугарија, така и до Северна Македонија, но дека наместо да го блокира, бугарската влада треба да го прави токму спротивното – да биде поборник за членството на Северна Македонија во ЕУ, зашто тоа е дел од долгорочниот национален интерес на Бугарија.
Тој е уверен дека и Стејт депарментот на САД поддржува брзо решавање на спорот, иако проблемот главно се однесува на ЕУ и нејзините членки.
Прашан како би изгледал излезот и дали е можен некаков договор меѓу двете страни, Пардју вели:
„Долгорочниот национален интерес на Бугарија е да има добри и партнерски односи со своите соседи во услови на заеднички демократски вредности. Членството во ЕУ го охрабрува тоа. Бугарија и многу луѓе во Северна Македонија споделуваат заедничка историја и култура, но Бугарија е нацијата во подобра позиција и во остварувањето на своите цели ја има предноста на членството во ЕУ. Двете држави се природни сојузници и можат да работат заедно за просперитетна иднина, под услов да им го завртат грбот на некои од помалку значајните проблеми“.
Според него, бугарските националисти се охрабриле од постигнувањето на Грција:
„Националистите во Бугарија набљудуваа како Грција го користи членството во ЕУ за да изврши притисок врз Северна Македонија. И решија да ја спроведат истата стратегија. Но, времето за малтретирање на Северна Македонија заврши“, порачува Пардју, додавајќи дека прашањата што ги покрева Бугарија не се доволни за да го оправдаат непријателскиот однос меѓу двете земји:
„Прашањата за историјата и јазикот не се доволно значајни за да ги оправдаат непријателските односи меѓу двете држави. На крајот, Северна Македонија е суверена земја. И никоја држава не би требало да има право да принудува друга нација да ја промени својата историја. Историчарите и експертите нека ги расчистуваат спорните моменти. А во меѓувреме, Софија би требало да ги поддржува, а не да ги блокира напорите на Северна Македонија за членство во ЕУ. Сѐ друго е кратковидо“, вели Пардју.
Остатокот од интервјуто, за нападот на Конгресот во Вашингтон, и ситуацијата со пандемијата во светот, прочитајте го ТУКА.