Поглаварот на римокатоличката црква – папата Френцис, ги предупреди чесните сестри и опатиите да не го користат интернетот за опуштање и релаксација и „оттргнување на мислите“, па воведе и нови правила во „контемплативниот живот“ на калуѓерките.
„Дигиталната култура во нашето општество често влијае на формирање на мислите… Таа културна атмосфера влијае на чистотата и недопреноста на мисловниот живот“, наведе папата во Апостолската конституција (Constitutio Apostolica) Vultum Dei quaerere (во превод: Во потрага по Божјиот лик).
Папата оцени дека интернетот може да биде корисна алатка, но дека мора внимателно да се користи за да не влијае на „текот на мислата“ и „животот посветен на контемплација“.
Вака звучи како калуѓерките да гледаат порно или да бркаат покемони, но не (ваљда); Ватикан само сака да игра микро-менаџмент. Одредбите на папата се однесуваат на тоа како калуѓерките регрутираат (на друштвените мрежи), се молат (има апликација за тоа) и го користат интернетот, меѓу другите нешта. Френцис смета дека „контемплативците“ можат да подлегнат на „суптилните искушенија“ (на интернетот) и тоа да доведе до „немање интерес“, „чиста рутина“, „немање ентузијазам“, „индиферентност“ и „парализирачка летаргија“.
Constitutio Apostolica е највисокиот степен на одредби кои ги носи папата, а со новите одлуки ќе опфати околу 35.000 чесни сестри и 4.000 манастири, пред сé во Италија и Шпанија. Манастирите ќе мораат да ги прифатат новите детални инструкции и да се адаптираат (да се фокусираат на подмладок и да соработуваат со други манастири), а ако не, ќе биде формирана ад-хок комисија што ќе решава за нивната судбина.
Чудно е што одредбите на папата се однесуваат само на калуѓерките. За калуѓерите нема ни збор; такви одлуки не биле „контемплирани“, велат од Ватикан.