Зголемената потрошувачка за одбрана на западните земји, како одговор на руската инвазија на Украина, е лудило – смета папата Франциск. Според него, мора да се најде нов начин за воспоставувањее на рамнотежа на светските сили.
Папата, обраќајќи се пред Коалицијата на женски групи во Женева, истакна дека судирот во Украина е плод на „старата логика на моќ која сè уште доминира во таканаречената геополитика“. Поглаварот на Католичката црква посочи дека правиот одговор не е уште повеќе оружје и санкции.
„Бев згрозен кога прочитав дека група држави се обврзаа да потрошат два отсто од БДП за набавка на оружје како одговор на она што се случува сега. Лудило“, истакна Франциск.
„Потребен е поинаков начин на управување со глобализираниот свет, да не се покажуваат заби, како што сега се прави, туку на поинаков начин да се уредат меѓународните односи“, посочи папата, кој од почетокот на војната имплицитно ја критизира Москва, осудувајќи ги „неоправданата агресија“ и „ѕверствата“, но без да ја спомене Русија.
Извор: МИА