Најдобриот македонски фудбалер Горан Пандев се очекува да остане на клупата за резервни фудбалери на денешниот дуел на неговиот Наполи на почетокот од групната фаза во Лигата на Европа.
„Наполитанците“ на домашен терен како големи фаворити го пречекуваат шведскиот АИК, меѓутоа стратегот Валтер Мацари најавува можност да ги одмори неговите најдобри фудбалери, меѓу кои и Пандев, во намерата да им даде малку повеќе одмор пред продолжението на згуснатиот распоред во Калчо лигата.
Најавите се дека покрај Пандев на клупата ќе останат и Хамшик и Де Санктис, додека воопшто во комбинација нема да бидат Кавани, Маџо и Инлер.
„Воопшто не сакам да го потценам противникот, но нашиот распоред е пренатрупан и мора да тактизирам околу составот и на вистински начин да ги одморам нашите главни играчи“ истакна Мацари.
А, Пандев му е повеќе од потребен на стратегот на Наполи поради неговата извонредна форма во која настапува во новата сезона.
„Се чуствувам навистина одлично, мислам дека во моментов сум во најдобрата форма во својата кариера. Сето тоа сакам да биде ставено во функција на што подобри резултати на Наполи“ вели Пандев.