Спортскиот директор на Наполи, Рикардо Бигон, во изјава за италијанските медиуми нагласува дека откупувањето на договорот на македонскиот репрезентативец Горан Пандев од Интер е најдобриот потег на тимот во летниот преоден рок.
„За ниска сума добивме топ фудбалер. Верувајте наскоро сите ќе се уверите во вистинската класа на Горан Пандев. Може да кажам дека тој е потценет на европскиот пазар. А, ние според цената која ја плативме за него, мислам дека со неговиот ангажман го направивме најдобриот потег ова лето“ вели Рикардо Бигон.
Како што нагласува Бигон, квалитетите на Пандев веќе сериозно се потврдени уште низ подготвителните средби изминатово лето, но вистинските очекувања на Наполи од него се во Калчо лигата.
„За нас е вистинска чест и задоволство што и самиот Пандев сакаше да остане во Наполи. Затоа лесно и брзо дојдовме до договорот со Интер. Наполи создаде тим кој оваа сезона очекуваме да се бори за шампионската титула во Италија“ дополнува спортскиот директор на „Небесносините“.