Началниците на генералштабовите на двете земји преговараат и ги истражуваат обврските од Преспанскиот договор, според кои Грција треба да го чува воздушниот простор на Северна Македонија, но и да помогне одбраната/војската на земјата да биде подигната до НАТО стандарди, вели грчкиот министер за одбрана – Никос Панајотопулос, во интервју за грчкиот „Катимерини“.
„Политичката содржина на Преспанскиот договор и позицијата на Нова Демократија кон неа ги знаете. Соработката во одбраната е последица од Преспанскиот договор, но е и една од помалку негативните од штетните елементи во овој договор. Во тој контекст, договорот за чување на воздушниот простор (air policing) ќе биде потпишан од началниците на генералштабовите на двете земји“, потврди Панајотопулос.
Тој додаде и дека тоа е национален интерес на Грција, од проста причина што ако не се случи, ќе ги отвори вратите за други земји кои веќе имаат пројавено интерес, како Турција, но и Бугарија, за која, вели министерот, покажала интерес, но ги нема потребните воздушни средства.
„Во овој контекс, императив е да го потпишеме договорот за air policing, бидејќи е во национален интерес“, рече Панајотопулос.
За потсетување, во рамки на НАТО мисијата „Air Policing“, на 21 мај годинава, за првпат воздухоплови на вооружените сили на Република Грција извршија два прелета на македонското небо, со цел проверка на комуникациите и радарската покриеност на нашиот воздухопловен простор.
Воената соработка и спогодбата за air policing бea најавени уште при посетата на поранешниот премиер на Грција – Алексис Ципрас. Како една од придобивките, меѓу другото, Ципрас спомна и една лична: „Порано летав околу ПЈР Македонија, сега ќе имам време да застанам да се поздравам“, порача тој на заедничката прес-конференција со премиерот Зоран Заев во Скопје (прочитајте ТУКА). Времето ќе покаже дали и „новиот“ грчки премиер Кирјакос Мицотакис јавно ќе ја признае оваа придобивка.