Пајаците знаат да бројат!?

Многумина ќе се сложат дека пајаците и вака се доволно страшни. Арно ама, научниците открија дека тие исто така знаат и да бројат. Така нешто… Се чини дека пајаците користат ментална аритметика, веројатно со главна цел да водат сметка за својот плен.

Научниците од универзитетот во Висконсин-Милвоки направија експеримент со цел да утврдат дали пајаците имаат способност да водат сметка за бројот на пленот во нивните мрежи. Во првата фаза, на пајаците им биле дадени ларви од црви, за по некое време, во втората фаза, научниците да ги отстранат „запленетите“ ларви.

Ваквата постапка довела до тоа пајаците да трагаат по исчезнатиот плен. Научниците заклучиле дека пајаците пребаруваат поинтензивно, не само кога бројот на пленот е променет, туку и кога има разлика во големината на пленот. Па така, резултатите од експериментот сугерираат дека пајаците имаат увид и водат сметка не само во бројноста, туку и количината на пленот.

Рафаел Родригез, дел од тимот, вели: „Можеме да извлечеме прелиминарен заклучок дека овие пајаци поседуваат некакво сетило за бројност“.

- Реклама -