Ожени се со тетка ти, па живеј (читај: наследи ѝ ја пензијата)

Воден од која и да е аргентинската верзија на „снајди се, па живеј“, 25-годишниот Маурисио Осола од Аргентина се оженил со неговата 91-годишна пратетка* (во англискиот значи тетка на еден од родителите, и со такво значење ќе го користиме во продолжение), за кога ќе умре да ѝ ја наследи пензијата.

Кај Јоланда се вселил пред 8 години, кога неговите родители се разделиле. Тој, мајка му, брат му и баба му, сите се преселиле и живееле во нејзината куќа, и наводно многу добро се согласувале.

Толку добро што, ете, Јоланда прифатила да се омажи со Маурисио. Тогаш 23-годишен, Маурисио ѝ раскажувал дека планира да ги откаже студиите по право, поради финансиски потешкотии, а таа го уверила дека ќе направи сé што е во нејзина моќ за тој да дипломира. Маурисио признава дека тој е тој што го предложил бракот, но важното е што пратетка му се согласила. Во февруари 2015-та и официјално рипнале во тавчето, а прославиле со, како што вели внукот, „дискретна цивилизирана церемонија“.

„Јоланда инсистираше да ги завршам студиите. Ќе ми речеше: ‘Ќе ти помогнам бидејќи ти секогаш се грижиш за мене, одиш со мене на доктор и секогаш ми помагаш со проблемите’. По некое време, ја прашав што мисли за тоа да се земеме“, раскажува Маурисио.

Како и да е, 14 месеци по склучувањето на бракот, Јоланда починала. Маурисио поднел барање за да ја наследи нејзината пензија како нејзин вдовец, но работите не тргнале по планот. Социјалните служби му го одбиле барањето откако соседите на 91-годишната жена изјавиле дека не знаеле ништо за таков брак.

Но Маурисио студира право, нели, па инсистира дека бракот му е перфектно легален и дека ќе се бори против одлуката да му ја одбијат пензијата макар стигнал и до аргентинскиот Врховен суд.

„Одбивањето на моето барање е тотално неосновано… Ја сакав Јоланда на најчистиот можен начин на кој можеш да сакаш некого, и тоа чувство, заедно со болката од нејзината загуба, ќе остане со мене до крајот на животот“, вели внукот. „Кога аплицирав за пензијата ги поднесов сите потребни документи и ги исполнив сите законски барања. Јоланда можеби имаше над 90, но беше екстремно луцидна“.

Изненадувачки, а можеби и не, реакциите на приказнава на Маурисио се поделени. Едните го обвинуваат дека е опортунист, други дека цела фамилија се болни. Трети пак, му аплаудираат за храброста и итроста вака да го дупчи системот.

Аргументот на првите е дека благодарение на луѓето како него, вистинските вдов(и)ци се соочуваат со проблеми кога навистина им е потребна пензијата од починатиот партнер. Аргументот на другите е дека Маурисио е едноставно интелигентен, и дека едноставно се обидува да ги искористи парите за кои Јоланда цел живот работела.

- Реклама -