Владата на Република Северна Македонија на денешната 24-та седница ја разгледа Информацијата за економски мерки за справување на енергетската и ценовната криза, во рамките на која се донесени 26 мерки за заштита на животниот стандард на граѓаните и ликвидноста на компаниите, како и мерки за финансиска поддршка на деловните субјекти преку Развојната банка на Северна Македонија.
Пакетот мерки за заштита на животниот стандард и ликвидноста на компаниите опфаќа:
1. Намалување на повластената стапка на ДДВ за основни производи за човечка исхрана од 5% на 0%, од април до јуни.
2. Замрзнување на трговските маржи на основни производи за човечка исхрана.
3. Субвенции/Ваучери за најранливите категории за основни производи за исхрана (по 1.000 ден за 3 месеци за 35.000 корисници), односно 105 милиони денари од Министерството за труд и социјална политика.
4. Автономна мерка за увоз на основни прехранбени производи и суровини кои имаат царински давачки од сите земји, односно укинување на царинските стапки за овие производи и зголемување на квотите.
5. Продолжување на примената на повластена даночната стапка од 5% за прометот со електричната енергија кон домаќинствата до крајот на годината наместо до 1 јули.
6. Препорака за менување на методологијата за утврдување на цена за домаќинства и мали потрошувачи кои се на регулираниот пазар за електрична енергија, што од 1 јули ќе почне со примена.
7. Продолжување на програмата за енергетска сиромаштија до јули 2022 година.
8. Субвенции за пензионерите (по 1.000 денари за 3 месеци за 326.840 пензионери).
9. Продолжува субвенционирањето на цената на електрична енергија на регулираниот пазар за домаќинствата и малите потрошувачи, до јуни 2022 година.
10. Субвенционирање на цената на топлинска енергија.
11. Финансирање на проектите за енергетска ефикасност за општините преку користење на поволен кредит од Светската банка спроведен од Министерството за финансии за намалување на потрошувачката енергија во јавните објекти.
12. Поедноставување на постапката за поставување сончеви панели на објекти.
13. Препорака за менување на методологијата за усогласување на цените на дериватите врз основа на промената на берзанските цени од неделна на дневна основа, која ќе важи од март до јуни.
14. Одложување на воведувањето на зелените давачки за деривати, односно еколошката такса за енергенсите.
15. Намалување на стапката на ДДВ од 18% на 10% при промет на енергенсите: безоловен бензин, гасно масло, течен нафтен гас (ТНГ) и метан, со што се намалува цената на овие горива.
16. Намалување на акциза врз основа на берзанските цени, за ублажување на влијанието на цените на берзата со што ќе има директно влијание на цената на горивата на бензинските пумпи.
17. Ослободување од ДДВ при увоз на електрична енергија да не се плати при увоз туку во промет.
18. Препорака за општините да го реорганизираат јавниот превоз да биде достапен во корист на сите граѓани.
Мерките за финансиска поддршка на деловните субјекти преку Развојната банка на Северна Македонија вклучуваат:
19. Субвенционирање на договорна каматна стапка по кредити дадени од комерцијалните банки на деловни субјекти кои ќе ја реинвестираат добивката за 2021 година.
20. Финансиска поддршка преку директно кредитирање од Развојната Банка на Северна Македонија на компаниите.
21. Кредитирање преку комерцијалните банки со бескаматни кредити за обртни средства.
22. Користење на Гарантниот фонд на Развојната банка.
23. Кредити за инвестирање во проекти за енергетска ефикасност и обновливи извори на енергија.
24. Се воведува нова поволна кредитна линија со поддршка на Европската инвестициона банка за зелена транзиција вредна 100 милиони евра.
25. Поволни кредити за Зелено финансирање, обезбедени преку Европската банка за обнова и развој, преку УНДП и комерцијалните банки во земјата во висина од 45 милиони евра, за физички и правни лица за инсталирање на фотоволтаици и средства за енергетска ефикасност.
26. Препорака за рационално користење и штедење на електричната енергија и на другите енергенси со сет активности за спроведување на мерката.
За да се обезбеди законската основа за дел од мерките, Владата денеска ги утврди измените и дополнувањата на Законот за акцизите, и на Законот за данокот на додадена вредност по скратена постапка, кои ќе бидат испратени на усвојување во Собранието.
На оваа седница, во врска со економските мерки за справување на енергетската и ценовната криза, донесе Одлука за посебни услови за трговијата на одделни стоки.
Со оваа Одлука се определува највисоката трговска (профитна) маржа како посебен услов во трговијата со следните стоки: леб бел и полубел (цел и сечен на парчиња); сончогледово масло за јадење (без ладно цедено масло); брашно од пченица– тип 400; шеќер бел конзумен; трајно кравјо млеко со масленост од 2,8%, 3,2% и 3,5%; свежо месо; сувомеснати производи – салама (посебна и паризер од свинско, пилешко и говедско), виршли (пилешки, свински, јунешки) и колбаси (пилешки, свински и говедски) со додатоци во нив; сирење бело кравјо и сирење бело мешано кравјо и овчо; урда кравја; македонски ориз бел; јајца од кокошка и шпагети и макарони од мека и друга пченица.
Според одлуката, највисоката трговска маржа за опфатените стоки за сите трговски друштва и трговци поединци кои учествуваат во трговскиот ланец во трговијата на големо се утврдува во вкупен износ до 4% на продажната цена пресметана во трговијата на големо, односно во вкупен износ до 3% на продажната цена пресметана во трговијата на мало.
За стоките кои се опфатени со оваа одлука нема да се пресметува и одобрува рабат и надоместоци кои трговецот на мало ги наплаќа од трговецот на големо и тоа за рекламирање и за изложување на стоките на рафтови односно полици.
Врз основа на добиената согласност на двете стопански комори производите леб бел и полубел (цел и сечен на парчиња), сончогледово масло за јадење (без ладно цедено масло) и брашно од пченица– тип 400, ќе се продаваат по набавна цена во трговијата на мало, без трговска маржа која е профитна маржа.
На денешната седница Владата донесе Одлука за ограничување на извозот на масло од сончоглед поради сериозни пореметувања на домашниот пазар, која стапува на сила од денеска и ќе важи до 31 мај.
Оваа одлука е донесена врз основа на Законот за трговија, кој предвидува дека на предлог на Министерството за економија, Владата може да го ограничи извозот или увозот на одделни стоки или да пропише посебни услови за увоз или извоз.
На денешната седница се утврдени измените и дополнувањата на Законот за пензиското и инвалидското осигурување за да се обезбеди примена на одлуката за раст на пензиите со примена на новата методологија, според која пензионерите ќе добијат историски највисоко зголемување на пензиите.
Влада на РСМ