„Ова ќе биде жешка недела“: Инспекторите на терен, Владата даде 14 дена да се провери дали во државава се користело токсично масло

Владата на Република Северна Македонија, на денешната 71-ва седница, дискутираше и ја оцени како вонредна и итна информацијата објавена во јавноста од страна на Истражувачката репортерска лабораторија – ИРЛ за постоење сомневања дека во земјава биле увезувани токсични нафтени деривати опасни по здравјето и животната средина, кои при увоз влегувале како мазут и се користеле како гориво за греење во повеќе државни институции, но и како гориво во приватни компании во земјава.

Од Владата велат дека со загриженост и внимателност им пристапиле на изнесените информации и ја потврдуваат силната и одлучна заложба дека, како што велат, нема да има компромиси кога е во прашање здравјето на граѓаните и заштитата на животната средина. Оттаму информираат дека, по предлог на вицепремиерот за борба против корупција – Љупчо Николовски, заклучиле дека се неопходни брзи, темелни и детални проверки на сите објавени и необјавени информации за случајот и дека, во таа насока, задолжиле низа надлежни институции:

„Владата ја задолжи Царинската управа да спроведе внатрешна контрола за конкретниот случај, односно да се испита колкави количини од наведените нафтени деривати се увезени од 2018 до 2020 година и под која царинска шифра е извршен увозот и дали податоците во декларациите соодветствуваат со дериватот што е увезен.

Државен пазарен инспекторат, во соработка со Бирото за стандардизација и метрологија и со помош на акредитираната мобилна лабораторија за проверка на квалитетот на нафтените деривати, веднаш да спроведе вонреден инспекциски надзор во компаниите што увезуваат, како и во институциите што користат вакви горива.

Државниот инспекторат за животна средина да спроведе вонреден инспекциски надзор во компаниите увозници и корисници на мазут и на други нафтени деривати.

Како заклучок за оваа точка е и задолжението за Министерството за економија да се побара што точно се испитува при увоз согласно Правилникот за квалитет на течни горива и дали одредбите од Правилникот се применуваат согласно европските стандарди.

Како последен заклучок Владата наложи сите институции опфатени со овие задолженија контролите да ги направат веднаш, а информациите да бидат доставени во рок од 14 дена“, се одлуките донесени на седницата, соопштија од Владата.

Според директорката на Државниот инспекторат за животна средина, инспекторите уште од вчера се на терен. Како што посочува таа, „ова ќе биде жешка недела“. Досега, вели, ДИЖС немал добиено барање за постапување.

„Од вчера сме многу мобилни и ќе го направиме сѐ она што е во рамки на нашите надлежности. Јас дури добивам и повици од градоначалниците каде постои сомнеж дека вакво гориво се горело и дека сѐ уште се гори. Ние сме на терен и ќе има постапување. Во координација сме со сите засегнати страни. Би требало многу брзо да излеземе со информација за граѓаните дали има такво гориво и дали воопшто се согорува. Многу сме вознемирени од можноста да се согорувало или уште да се согорува вакво опасно масло. Сме на терен и многу брзо ќе имаме резултати“, рече Петровска во „Топ тема“ на ТВ „Телма“.

Прочитајте и:  Околу 30 автобуси возат низ Скопје, граѓаните револтирани, вонредни седници на Владата и на Советот на Град Скопје

Според директорката на ДИЖС, треба да се унапреди и законската регулатива, бидејќи, како што рече, „има недоследност“.

„Проблем настанува кога наместо гориво, под тарифен број на мазут се увезува нешто друго. Тука голема улога може да одиграат акредитираните лаборатории. Откако сум на функцијата, не сме имале никакви индикации дека треба да проверуваме гориво, а по закони и не сме за тоа овластени. Ако е тарифниот број гориво, тогаш сме во рацете на Пазарниот инсекторат кој треба, по случаен избор и спрема проценка на ризик, да рече ‘оваа цистерна ќе ја носам на анализа’ во ОКТА или Макпетрол, зависно која акредитирана лабораторија соработува со нив. Ако тоа не е гориво, туку е некаков отпад, а тоа не е декларирано на тарифниот број – тука настанува проблемот и тука би можеле ние да постапуваме зашто станува збор потенцијално за прекршување на Базелската конвенција. Во ваков случај треба да се вклучат и Интерпол, Европол и многу други инстанци. Но, за тоа да се случи треба да имаме информација од Пазарниот инспекторат, а досега немаме такво нешто добиено“, објасни Петровска.

Петровска посочи дека ДИЖС ги следи емисиите на „ФЕНИ“ (која ИРЛ ја посочи како најголем корисник на увезеното токсично масло) врз основа на дозволите кои се пропишани, при што се следат граничните вредности на одредени параметри кои со мазутот и со соодветни филтри можат да се постигнат. Но, проблемот, според неа, е во тоа што потребно е да се следат други параметри за да може да се „фати“ дали е мазут или не.

„Во овој момент, со дозволите, мерење на вакви параметри не е пропишано“, тврди таа, притоа додавајќи и дека експертизата за еколошки криминал е многу скапа и кај нас сѐ уште не е достапна.

- Реклама -