Дали постои рајот на небото не знаеме, но дека постојат парчиња од рајот на Земјата – е факт. А Гили Ланканфуши, на Малдивите, е и официјално најрајското место за престој.
Специјализираната страна за туризам – TripAdvisor, го прогласи хотелот за најдобар хотел на светот за 2015. Нема дилема, овој луксузен ресорт е како излезен од сонот на најкреативните сонувачи.
Сместен среде кристално чистата сина лагуна на малиот корален остров Ланканфуши, хотелот има 45 приватни надводни вили. Секоја од нив има сончева палуба со лежалки за сончање, кровна тераса и неверојатна приватна, но отворена бања со поглед кон морската шир.
Хотелот има само една филозофија: Оставете ги грижите дома. Ако ви здосади да се излежувате над кристалната вода и да „џапате“ коктели во барот со стаклен под, секогаш можете да тркнете до спа-центарот или отворената соба за кино.
За оние помалку мрзеливите (читај: авантуристите), има организирани крстарења со чамец, на изгрејсонце и на зајдисонце, длабинско нуркање или часови на кои ќе научите како да подготвувате суши.