Почитувани родители!
Знам дека сте вознемирени. Секој ден детето ви се враќа од училиште со приказни за “она” дете. Детето кое цело време влече, удира, штипе, па дури и ги гризе другите ученици. Детето со кое што никој не може да се разбере, што не ги слуша моите прекори и се искачува по оградата на училишниот двор, или во порив на бес го истура јогуртот на соученикот на подот… намерно, за да го видам, или гласно пцуе на часот по спорт иако е најстрого забрането.
Вие сте вознемирени дека ова дете му пречи на вашето дете да учи. Вие сте вознемирени дека тоа одзема многу од моите сили и внимание и поради тоа јас го лишувам од грижа и внимание вашето дете. Вие сте вознемирени дека тоа е лош пример за вашето дете. Го разбирам сето тоа.
И треба да знаете дека јас исто така се грижам, цело време, за СИТЕ деца.
Знам дека вие сакате итно да свикам дискусија за однесувањето токму на ова дете. Да, и јас би сакала да зборувам за него, но има уште толку многу работи за кои не треба да се зборува.
На пример, за тоа дека само пред една година ова дете беше посвоено од дом за сирачиња или за тоа дека му е пропишана строга диета и вечно е гладно. Да поразговараме и за тоа што неговите родители се пред развод, или дека ова дете го воспитува самохрана мајка и затоа секогаш доаѓа пред сите и си заминува последно. Или дека дома го навредуваат и му се потсмеваат.
Вие разбирате дека не можам да ви раскажувам такви детали. Само сакате да знаете што правам јас, за да се промени неговото однесување.
Посакувам да можев да ви раскажам сè. Но не можам.
Не можам да ви кажам дека со него се занимаваат дополнително бидејќи има пречки во развојот на говорот и целата негова агресија е последица од неможноста за нормално дружење со врсниците. Не можам да ви кажам дека се гледам со неговите родители СЕКОЈА една недела и најчесто тие само плачат на нашите средби. Не можам да ви кажам дека по долга и тешка работа, веќе имаме 5 инциденти во неделата, а претходно беа 5 во денот.
Јас дури немам морално право да ги споделам позитивните моменти. На пример, дека ова дете ми помага за наводнување на цвеќињата во училницата и дека заплака кога зимоска едно од цвеќињата овена на студот. Не можам да споделам дека ова дете знае за грмотевиците повеќе од метеоролозите или дека го гали по главата најдоброто другарче во излив на чувства и трча да му помогне на оној кој плаче. Да, и тоа се случува.
Проблемот е во тоа што јас можам да зборувам со вас само за вашето дете.
И единственото нешто што можам да ви кажам за сигурно е дека ако вашето дете (или секое друго) се претвори во ОВА дете јас никогаш нема да им кажам на другите родители за тоа што се случува во вашето семејство. Јас ќе разговарам со вас често и трпеливо. Ќе обезбедам марамчиња во случај вие да плачете на нашите средби. Ќе го доближам вашиот проблем до оние кои навистина можат да помогнат. Ќе му давам на вашето дете дополнителна порција внимание и љубов, кога има потреба. Во училишната средина јас ќе бидам негов бранител. Ќе се обидам да го пронајдам во него (независно од сè) само доброто, светлото и најубавото, па дури и ќе ви напоменувам за овие негови квалитети.
А кога некој друг родител ќе дојде кај мене да се жали за вашето дете, јас само ќе ги потсетам на истото.
Со љубов,
Една учителка