На отворањето, организаторите Дарко Набаков и Сара Феро со краток говор ги поздравија присутните, а по завршувањето на официјалниот дел на отворањето, целата екипа на сцената се појави со кромид во рацете, кој високо го подигнаа во знак на единство и посветеност. Овој симболичен гест ја претставуваше магијата и особеноста на фестивалот, кој и оваа година ветува богата и разновидна програма со панел дискусии, презентации и работилници, создавајќи простор за дијалог и размена на знаења меѓу професионалците од индустријата и љубителите на филмовите.
Филмските ентузијасти имаа можност да го видат документарниот филм на режисерот Џеј Розенблат. Во овој емотивен и интимен документарец, Розенблат ја следи својата ќерка Ела преку седумнаесет години, постојано поставувајќи иста прашања на секој нејзин роденден. За само 29 минути, гледачите имаат прилика да ја сведочат трансформацијата на Ела од невино девојче во млада жена, додека нивната врска со татко ѝ се развива со сите свои убавини и предизвици.
Потоа се проектираше „Целулоидно подземје“, документарен филм кој ја раскажува храброста на филмски колекционер од Техеран. По Иранската револуција, овој нетипичен херој се спротивставува на режимот и спасува илјадници филмови, иако му се закануваат апсење и мачење. Филмот нуди возбудлив портрет на постреволуционерниот Иран преку очите на неговиот заштитник.
„Македокс“ годинава се фокусира на кинематографските архиви од неколку земји, вклучувајќи архиви од Централниот државен филмски архив на Албанија, Хрватскиот државен архив, Националниот филмски институт на Унгарија, Словенечката кинотека, Архивот на Југословенската кинотека, Црногорската кинотека, Националниот филмски архив на Бугарија, Романскиот национален филмски архив и Кинотеката на Северна Македонија.
Фестивалот ќе се одржи од 15 до 22 август во традиционалните простори Куршумли ан, Музеј на Македонија, Сули ан, МКЦ, како и новиот простор „Лабораториум“ во Скопје.